Граѓаните треба да се едуцираат за одговорно сопствеништво

160

Удомувањето бездомни животни сѐ повеќе се практикува. Сѐ повеќе луѓе решаваат да го отворат својот дом за кучињата и за мачињата-скитници.

Една од платформите што е посветена на удомување бездомни животни е „Пет хаус“, која им има помогнато на над 200 улични животни.

– Удомувањето „Пет хаус“ произлезе од потребата за помош на бездомните, како и потребата за едукација за благосостојба и одговорно сопствеништво. Секојдневно сме сведоци на суровоста што животните ја искусуваат на нашите улици. Идејата на удомувањето „Пет хаус“ е да се даде видливост за ваквата проблематика, но пред сѐ давање помош за бездомни кучиња и давање една посериозна нота на удомувањето.

Предноста на удомувањето „Пет хаус“ е тоа што кучињата, кои се удомуваат, се целосно здрави и за нив се бараат сериозни сопственици, кои ќе се приспособат на нивните потреби и начин на живот – ни сподели Илина Велјановска иницијаторка на „Пет хаус“ и активистка за правата на животните.

Според неа, искуствата покажуваат дека бројката на удомени миленици во Македонија не е на завидно ниво. Особено не на кучиња со голем раст и раси што бараат интензивна грижа и нега.

– Ова може да се гледа на два начина: културолошки аспект и економската моќ на граѓаните во поглед на грижата за миленици. Факт е дека бројката на удомени расни кучиња е поголема наспрема бројката на мешанчиња, но секојдневно работиме на издигање на свеста и алудираме на тоа секој да одбере милениче (куче) спрема своите потреби и начин на живот, без разлика дали е расно или не. Од друга страна, пак, нужно е при удомување да се имунизирани и да им се вгради чип на име на новите сопственици. За жал, поради овие два аспекта, често гледаме напуштени миленици по улиците и оттаму настанува проблемот со бездомните животни – вели Илина.

Таа додава дека нужно е да се едуцираат граѓаните за терминот одговорно сопствеништво, како и за правата и обврските што произлегуваат од посвојувањето милениче. Исто така и за придобивките од кастрација/стерилизација, како и нерегулирано парење.

– Миленикот не е подарок, не е ниту моментална сатисфакција, тој е живо битие со свои потреби и дел од семејството. Удомувањето „Пет хаус“ функционира во рамките на хотелот „Пет хаус“ за миленици и предвидени се како волонтерски активности, така и отворени денови за запознавање на милениците со идните сопственици, што е од особено значење. Целта е намалување на бројот на бездомни кучиња и животни и да има повеќе одговорни сопственици – додава Велјановска.


Сѐ повеќе граѓани згрижуваат домашни миленичиња

Во Кичево во пораст е чувањето домашни миленичиња, пред сѐ расни кучиња или мачки. Покрај згрижувањето домашни миленици со проверено потекло, кај граѓаните зголемен е интересот за удомување кучиња-скитници сместени во првиот хотел за кучиња во Кичево, каде што имаше згрижено повеќе кучиња од страна на здружението за заштита на секаков вид животни „Грифон“ од Кичево.
– Пријатно сме изненадени од интересот на граѓаните за згрижување кучиња во сопствените домови. Така, од нашиот досегашен хотел за згрижување кучиња-скитници, за само неколку дена наши сограѓани згрижија шест кучиња, а нивниот интерес е далеку поголем од бројката со која ние моментално располагаме. Овие кучиња-скитници се прегледани од ветеринарен лекар и имаат примено вакцина, која ги штити од пет болести, така што нивните нови сопственици не треба да стравуваат дали овие кучиња се здрави или преносители на некоја болест – вели Ѓорѓија Нестороски, ветеринарен техничар и еден од иницијаторите за формирање на здружението за заштита на секаков вид животни „Грифон“ од Кичево.
Тој наскоро очекува да биде завршен и првиот стационар за згрижување домашни миленици во градот, каде што, според неговите процени, ќе бидат згрижени околу 180 кучиња-скитници.
– Со помош на општината и со несебично залагање на другите помагатели, наскоро очекуваме да го завршиме првиот стационар за домашни миленици во градот, кој ќе биде сместен во старата кожарница на околу шест километри од Кичево. Во овој стационар, според нашите процени, ќе се обезбеди простор за околу 180 кучиња-скитници, што во значителна мера ќе го намали нивниот број на улиците, а таму секое новопримено куче ќе биде прегледано, вакцинирано и чипирано. Со тоа ќе имаме целосна евиденција на кучињата во стационарот, но и на оние кучиња што граѓаните ги згрижиле во сопствените домови. Покрај кучињата-скитници, во стационарот граѓаните ќе можат да ги остават на чување и домашните кучиња кога се на одмор или на подолго отсуство од дома. Исто така, сите заинтересирани ќе можат од нашиот стационар да си одберат и да згрижат некое од кучињата-скитници – додава Нестороски, кој потврди дека секоја помош финансиска или со работа е добредојдена, за овој стационар што побргу да се оспособи и да ги прими првите жители. З.А.