Граѓаните прашуваат кога датум за чист воздух, а НВО до кога ќе се труеме

514
Домаќинствата уште не почнале со масовно греење, а загадувањето е големо Фото: Игор Бансколиев

На мрежата на невладината организација „О2 иницијатива“ некои граѓани повикуваат на масовно организирање и на блокади, штрајкови пред институциите на државата, како и на граѓанска непослушност. Некои дури предлагаат протести во работен ден и неодење на работа, за надлежните да се освестат и да сторат нешто конкретно за почист воздух

Фактот дека Скопје се најде помеѓу десетте најзагадени градови во светот вознемири и разгневи некои од граѓаните, кои ги обвинуваат надлежните дека ништо не прават за да дишеме почист воздух. И не само граѓаните, кои својот револт го изразуваат и на социјалните мрежи, веќе со остри реакции се јавија и невладините организации, кои прашуваат до кога ќе се труеме со загадениов воздух. Повеќето домаќинства сѐ уште не започнале со секојдневно греење, а веќе дишеме загаден воздух, кој како тивок убиец го уништува здравјето. Загадувањето на воздухот повторно е жешка тема, за која дебатира и старо и младо, бидејќи се засегнати сите и нема кој не ги обвинува надлежните дека навистина не прават ништо ургентно за да се поправи или нормализира состојбата.
Од невладината организација „О2 иницијатива“ веќе имаат реакција, која од завчера се споделува по социјалните мрежи, насловена „Живееме во отровна зона“. На неа граѓаните се надоврзуваат со коментари во кои повикуваат на масовно организирање блокади и штрајкови пред институциите на државата, како и на граѓанска непослушност. Некои дури предлагаат протести во работен ден и неодење на работа.

– Дневните температурите сѐ уште високи, но влезени сме во сезона кога ни часовните измерени вредности за ПM 10 не се под 50 микрограми на кубен метар, а тие за ПM 2,5 не се под 25 микрограми на кубен метар во скопскиот регион. Само за потсетување, за ПM 10 се дозволени 35 дена во годината над 50 микрограми на кубен метар, а според СЗО годишниот просек не смее да е над 20 микрограми, исто така на кубен метар. За ПM 2,5, според СЗО, дневниот дозволен максимален лимит е 25 микрограми, а годишно е дозволено само до 10 микрограми – се вели во новата реакција на „О2 иницијатива“, со која приложуваат и разни фотографии што периодов се сликани од скопската општина, а на кои се гледаат магла и чад.

Од „О2 иницијатива“ посочуваат дека Скопје гледано од Водно е постојано во кафеава магла, со постојани чадови, од бели до црни и сите нијанси помеѓу, кои се шират низ градов и го обвиткуваат. Со тоа, објаснуваат од „О2 иницијатива“ екоактивистите истакнуваат дека живееме во отровна зона.

-Сликите што кружат по социјалните мрежи се слики од често палење оган на несоодветни места, од отпад фрлен каде што не треба, од запалено ѓубре на едни исти локации. Нечист воздух се дише преку цела година. Градот Скопје и Инспекторатот на градот Скопје и општините во Скопје со своите нефункционални инспекции – не функционираат. Не малку критики се упатуваат на адреса на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, како и на десетте други општински градоначалници.


Преку радикални мерки ќе се врши притисок за почист воздух

На реакцијата на НВО во „О2 иницијатива“ скопјани имаат разни коментари, во кои предлагаат начини како да се изврши притисок врз надлежните да преземат нешто во врска со загадениот воздух. На веб-страницата „Ѕид на општината Гази Баба“, Хајди Стерјова Симоновиќ пишува: „Како ние да ги спасиме нашите деца од енормното загадување? Оти сите власти досега очигледно се и глуви и слепи за целиот загадувачки криминал што се прави, а и загадувањето е криминал (Загадување на животната средина и природата, член 218 (1): Тој што со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина ќе загади воздух, почва, вода, водна површина или водотек во поголем обем или на пошироко подрачје и со тоа ќе предизвика опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на животинскиот или растителниот свет во поголеми размери, ќе се казни со затвор од четири до десет години).
На прашањето на „О2“ до кога ќе дишеме загаден воздух, Сања Јовановиќ вели: „Има само еден и многу едноставен одговор – додека не почнеме со блокади, штрајкови и граѓанска непослушност пред институции и слично“.
На истово прашање Митко Јанев вели: „Додека не се покаже масовност и додека не ги затнеме артериите на градот во клучни периоди, ќе останеме незабележани и ќе продолжиме да умираме во смрдеава. Блокирање клучни раскрсници во Скопје“.
Под една зачадена фотографија на дел од градов, извесен Дарко во својот пост пишува: „Ова е утринска магла или е смрт“.
Љубинка Јосифовска, пак, вели: „Луѓе, ова вака веќе не може. Одамна е време за радикални мерки од страна на граѓаните, но ние продолжуваме да спиеме. Ало, свесни ли сте дека умираме“!
Славица Тошевска прашува дали може да се најде начин за да се тужат надлежните наместо само да се споделуваат објави.
Доминика Бошкова, пак, во својот ироничен пост прашува: „Ако има протести, дали оние со субвенционираните електрични тротинети ќе протестираат или, пак, ќе чекаат сограѓаните да им купат заштитни маски од загадениот воздух“.
Ева Таневска е децидна: „Организирајте протести во неработен ден, сабота, најубаво напладне, сите ќе дојдеме, доста нѐ трујат.
Но не мисли така и Јасмина Котушевска Катушхик: „Според мене, треба да се организира протест во работен ден и, наместо на работа, на улица, работодавците заедно со нас… Да биде задолжително, наместо на работа, пред Влада… Само така ќе бидеме во голема бројка“.
Костадин Ристоманов вели: „Толку ли нема некој да се сети оти сега нема од што да се загадува, освен од депониите на кои се гори увезен отпад. Дали некој има друга идеја“.