Граѓаните не спијат од силните децибели на моторите

362
Фото: Игор Бансколиев

Со константното зголемување на бројот на жители во главниот град, намалувањето на зелените површини и големиот број згради и инфраструктурни објекти што го пополнуваат просторот, се создаваат најразлични видови проблеми за жителите на Скопје. Од секојдневни сообраќајни метежи, проблеми со паркирање, до сериозно токсични количества штетни ПМ 10 честички во воздухот, особено во зимскиот период. Следствено, за скопјани се појавува и уште еден сериозен проблем во секојдневното живеење, а тоа е вознемирување со бучава. Големиот број возила на улиците и долгите колони со автомобили предизвикуваат голема бучава и константен звук, особено во централните подрачја на градот и на поголемите булевари. А во ноќните часови, без исклучок можат да се слушнат силните и иритирачки звуци од мотоциклите и од автомобилите што со огромни брзини се движат по градските коловози.

Вознемирувањето со бучава или со звук може да создаде сериозни проблеми по здравјето на луѓето, особено врз оние што секојдневно се изложени на високи степени на звучните бранови. Според дефиниција, вознемирувањето со бучава е онаа бучава што константно постои и секојдневната изложеност може да предизвика многу штетни влијание врз луѓето и врз животинскиот свет. Најчесто изворите за вознемирување со звук се предизвикани од фреквентните сообраќајни линии, но звучно може да вознемируваат и машините, возовите, авионите и сите други процеси што константно предизвикуваат некаков звук. Во Скопје, пред сè, преголемата бучава е предизвикана од возилата и од моторите во ноќните часови, а јачината и времетраењето на бучавата може да има најразлични сериозни влијанија врз физичкото и врз менталното здравје на луѓето. Изложеноста на бучава може да предизвика анксиозност, стрес, но да има и сериозно влијание врз крвниот притисок, како и на различни начини да го наруши психофизичкото здравје на оние што се во близината на оваа појава.

Иако постојат најразлични предизвикувачи на преголемата бучава, скопјани се фокусираат на проблемот со бучавата што ја создаваат автомобилите, мотоциклите и сите други учесници во густиот скопски сообраќај. Несоодветната патна инфраструктура може да има сериозно влијание во однос на овој проблем, особено до поголемите булевари. Граѓаните што секојдневно се соочуваат со овој проблем, велат дека мора да се стори нешто за да се најде решение за оваа ситуација.
– Живеам во зграда веднаш до улицата Партизанска, многу години и бучавата што се создава секојдневно е непријатна за мене и за моето семејство. Во утринските и во попладневните часови се создава метеж и голем број автомобили се заглавуваат на оваа раскрсница и константо ги користат свирките во автомобилите, а во ноќните часови, особено во овој летен период, има мотоциклисти што со огромни брзини минуваат по булеварот и ги вознемируваат сите станари – вели Кристијан М. од Карпош.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека луѓето што возат мотори со брзина над дозволената, не само што ги прекршуваат сообраќајните правила за ограничување на брзината, туку ги нарушуваат и јавниот ред и мир со механички извори на врева. Законското ограничување за дозволена бучава изнесува 78 децибели, а брзите возила во ноќните часови често можат да ги надминат и границите од 100 децибели, со што вознемируваат многу граѓани. Очигледно беше дека сообраќајните патроли и контроли во главниот град, во изминатите неколку месеци беа драстично зголемени, а доказ за тоа се санкционираните 517 возачи на мотоцикли, кои возеле со брзина поголема од дозволената во периодот од почетокот на годината до 24-ти овој месец. Од МВР го посочуваат и фактот дека против возачи на моторни возила, кои управувале со брзина поголема од дозволената, изречени се вкупно 5.798 мерки од почетокот, бројка што не ги вклучува оние што се санкционирани за возење под дејство на алкохол. Според информациите и податоците од полицијата, направени се и напори за дејствување против брзото ноќно возење и нелегалните автомобилски и мототрки на скопските улици и преземени се вкупно 391 мерка поради оваа појава.

Граѓаните на главниот град што секојдневно се движат по коловозите, без разлика дали со автомобил, велосипед, автобус или пеш, се свесни за екстремно ниското ниво на сообраќајна култура во Скопје, големиот број прекршоци што ги прават учесниците во сообраќајот и лошата патна инфраструктура. Брзото возење во ноќните часови и бучавата што се создава, не само што ги вознемируваат жителите на градот, туку и честопати предизвикуваат сериозни сообраќајни инциденти, во кои има повредени и жртви. Останува преку кампањи и проекти, со колективен и со сериозен напор на надлежните институции да се работи на зголемување на безбедноста на сообраќајот, но и полицијата треба редовно и совесно да си ја врши работата за главниот град да може мирно да спие.