Граѓаните на штрек поради рудникот во Иловица

1217

Еколозите, но овој пат масовно и граѓаните, се во тревога во врска со најавите за отворање на рудникот за бакар и за злато на југот од нашата држава. Тоа е така бидејќи кога се отворале рудници за злато и за бакар во блиското опкружување на Македонија често имало инциденти, а најчесто такви што ја девастираат животната средина. Во таа насока особено загрижува можноста за употреба на цијанид во процесот за добивање на рудата. Еколозите го нарекуваат тоа еколошка
нуклеарна бомба. Од компанијата што рудно ќе ги експлоатира бакарот и златото се децидни дека нема да користат цијанид и сулфурна киселина, истакнувајќи ги економските и социјалните бенефиции од работењето

Дали ќе биде отворен рудникот „Иловица – Штука“ за бакар и за злато или, пак, нема, е прашање што останува енигма за струмичани, но и за цела Македонија. Во круговите на еколошките здруженија од Струмичко секојдневно расте анксиозноста, велејќи дека овој рудник ќе предизвика еко-геноцид. Еколозите секогаш будно следеле кога се отворале рудници за злато и за бакар бидејќи неодамна, во блиското опкружување на Македонија имало инциденти. Особено загрижува можноста за употреба на цијанид во процесот за добивањето на рудата. Еколозите го нарекуваат тоа еколошка нуклеарна бомба.

Според еко-активистот Крум Велков доколку рудникот „Иловица – Штука“ биде отворен, тоа ќе значи тешко егзистенцијално загрозување на целата Струмичката Котлина, па и пошироко.
– Тоа е најголемиот рудник и најголема еко-биолошка закана во Југоисточна Европа.

Всушност, рудникот ќе предизвика еко-геноцид, затоа што како загадувачка индустрија со чудовишни размери (браната на хидројаловиштето ќе биде највисока во светот, 276 метри) овој рудник за бакар и за злато ќе донесе енормно загадување од хемиски агенси, од кои повеќето се опасни по живот. Да ги спомнеме само талиумот, кадмиумот и арсенот – крал на отровите, кои со копањето ќе се ослободат како сулфати од почвата и потоа ќе се претворат во сулфурна киселина, смртоносна – истакнува Велков.

Како што вели тој, рудникот ќе ги загади трите основни елементи воздухот, водата и почвата, и тоа рапидно и за некаде пет години, според издржаните истражувања и статистики од светски ранг за слични појави, ќе почне многукратно да се зголемува бројот на заболени од канцерогени болести, новороденчиња со деформитети и сл…

– Можам да кажам дека доделувањето концесија за ваков рудник во Струмичко, и воопшто доделувањето огромен број концесии исклучиво во Источна Македонија е практично криминален чин против сопствениот народ – нагласува Велков.

Ангел Наков од гевгелиското здружение „Спас за нас“ смета дека уште во првата фаза ќе дојде до комплетно ископачување на дабовата шума на површина од 3.000 хектари, бидејќи се работи за рудник со отворен коп што зафаќа огромна површина.

– За каква потенцијална катастрофа станува збор, се добива претстава ако се знае дека тоа е како да ја исечете целата шума на Водно, до последното дрвце. Веднаш потоа доаѓа комплетно уништување на природниот релјеф на локалитетот со формирање огромен кратер со длабочина од 700 метри на една страна, а на друга огромно плато од ископана руда и брани за хидројаловината. Тоа ќе значи и комплетно уништување на почвата, подземните и на надземните води за период од над 2.500 години – објаснува Наков.

Тој додава дека со секојдневното минирање ќе се создадат над 10.000 тона прашина дневно што ќе се таложи врз Струмичката Котлина. И доколку рудникот работи 20 години, таа ќе биде прекриена со 10 сантиметри отровна прашина, која комплетно ќе ја загади почвата, а со тоа и сите ресурси на вода.

– Со самиот почеток на работата на рудникот, над 70.000 луѓе, секојдневно, ќе вдишуваат контаминирана прашина со сулфати, арсен, талиум, кадмиум, што претставуваат коктел од отрови – појаснува Наков.

Еден од крајните ефекти од работата на рудникот, според еко-активистот Велков, ќе биде масовно иселување на жителите од Струмичко.

– Многу луѓе веќе размислуваат во оваа насока, бидејќи им се загрозени биолошкиот опстанок, здравјето и животите на идните поколенија. Овој рудник кумулативно, покрај економска, ќе предизвика културолошка и национална деградација на регионот. Свеста за смртната опасност од многубројните отрови е нарасната кај многу луѓе и никој не сака да се изложи на таков ризик. За сметка на бескрупулозни профитни интереси на странска компанија, ние треба прифатиме да се самоуништиме, доколку дозволиме овој рудник да проработи – истакнува Велков.

Наков вели дека работењето на овој вид рудници во Америка во периодот од 1967 до 1980 година предизвикале перманентно иселување на 33 града со над 1.000.000 луѓе.

– Технологијата на работење на рудници со отворени копови, неминовно води до иселување на целокупното население, освен на оние стотина вработени што се подготвени да го ризикуваат својот живот и да работат во овие рудници – нагласува Наков.

Според него, ако се знае дека најголемата еколошка катастрофа во Европа, по Чернобил, е излевањето на само 100.000 кубни метри хидројаловина од рудникот „Баја Маре“ во Романија, која предизвика комплетен помор, севкупниот жив свет во реките Тиса и Дунав, сѐ до Црното Море, тогаш може да се замисли, како што вели тој, што ќе се случи со инцидент на брана со 3.000.000 кубни метри, каква што е планирана за Иловица.

– Тоа не е на ниво на нуклеарна бомба, тоа е на ниво на апокалипса, дефинитивен крај за Јужен Балкан и за Блискиот Исток – додава Наков.

Од друга страна, од компанијата што рудно ќе ги експлоатира бакарот и златото, „Еуромакс ресурсис“ се децидни дека нема да користат цијанид и сулфурна киселина, истакнувајќи ги економските и социјалните бенефиции од работењето.

– Отворањето на рудникот ќе има бенефиции за локалната и за националната економија. Ќе се отворат 500 нови директни работни места и над 2.700 индиректни вработувања во компаниите изведувачи. На национално ниво проектот ќе учествува со три отсто од БДП на Македонија и ќе обезбедува даночни приходи во висина од 24 милиони евра годишно – објаснија од „Еуромакс ресурсис“.

Во наредните денови „Нова Македонија“ ќе излезе со повеќе ставови од засегнатите страни, се разбира и со анализи и ставови на домашни и странски експерти од оваа област во обид јавноста да добие што поголем број релевантни информации, факти и податоци за докрај да се расветли ситуацијата предизвикана од случајот „Иловица – Штука“.