Граѓаните меѓу лажните вести и розовата слика за животот

307

Владите во балканските држави, по добро познатата стратегија за прикажување на розовата стварност на граѓаните, сѐ почесто прибегнуваат и кон сервирање лажни вести. Нема земја во која граѓаните не се „бомбардирани“ од мноштво полуинформации, полувистини, а почесто и со целосни невистини и шпекулации, чија единствена намена е да се одбранат или покријат неуспешните потези и одлуки на актуелните владејачки гарнитури

Хрватска е изложена на хибридна војна. Драматично ќе изјави актуелниот премиер Андреј Пленковиќ, кон средината на минатата година, кога неговата влада беше изложена на лавина критики од јавноста и од дел од домашните медиуми за начинот на кој се обидуваше да ја спаси најголемата хрватска компанија „Агрокор“, која се задушуваше во финансиски проблеми изразени во милијарда евра. Во тоа време протекоа некои информации за извлекување високи финансиски хонорари, кои се исплаќаа од државни фондови за консултантски фирми блиски до тогашната министерска за економија, за изработка на „Лекс Агрокор“. Од кабинетот на хрватскиот премиер се негираа таквите обвинувања и ги класифицираа како „лажни вести“. Подоцна под притисок на медиумите поранешната министерка за економија поднесе оставка, но целата афера околу исплатата на дебелите хонорари за консултантски услуги остана нерасчистена.

Неколку месеци подоцна хрватската влада преку дневните весници објави дека тргнува во борба против лажните вести! Тоа би го правела со зајакнување на институциите, кои навремено би ги „пресретнувале“ вестите што, нели, доаѓаат „однадвор“ и се насочени кон уривање на довербата кон Владата предводена од ХДЗ. Критичките медиуми оваа информација ја проследија со доза хумор. Нивните коментари за веста дека ХДЗ се бори против лажните вести беа дека тоа е „навистина лажна вест“. Во медиумите беа наведени многу примери кога власта продуцира многу невистини за да ги покрие сопствените слабости во работењето. Новинарите успешно детектираа и деактивираа повеќе лажни вести, како што е пласирање на многу невистини при набавката на израелските авиони за хрватската авијација (која заврши неуспешно), до примената на Законот за употребата на кирилицата во работата на општината Вуковар.

Главната поента во оваа приказна во Хрватска, но и за владејачките структури во другите балкански земји е дали тие би се задржале на власт да ги нема овие лажни вести. Владите во балканските држави, по добро познатата стратегија за прикажување на розовата стварност граѓаните сѐ почесто прибегнуваат и кон сервирање лажни вести. Нема земја во која граѓаните не се „бомбардирани“ од мноштво полуинформации, полувистини, а почесто и со целосни невистини и шпекулации, чија единствена намена е да се одбранат или покријат неуспешните потези и одлуки на актуелните владејачки гарнитури. Методите на „хибридната војна“ се применуваат директно од политичкиот естаблишмент, а потоа се проследуваат од медиумите, преку невладините организации. На основата од пирамидата на лажни вести се поединците и партиските војници, кои ревносно ги пласираат преку социјалните мрежи.

Граѓаните се немоќни во борбата против лажните вести затоа што главните медиуми стануваат пропагандната машинерија и се во служба на власта. Пласирањето на лажните вести има цел народот да се држи во состојба на неинформираност

Граѓаните во регионот одамна се изложени на хибридната војна, која опфаќа ширење лажни вести за да се влијае на промената на ставовите на јавноста за одредено прашање или за тема што пошироко ги засега граѓаните. Тоа посебно беше изразено и во Босна и Херцеговина, кога за мигрантската криза одредени кругови се обидуваа да внесат страв и паника кај локалното население, а тоа предизвика и омраза кон економските мигранти, кои беа пречекувани на железничките и автобуските станици од групи граѓани, кои беа „загрижени“ поради присуството на непоканетите гости. Многу медиуми „информираа“ за настани што и никогаш не се случиле, а кои се однесуваа за наводни киднапирања, нападнати и силувани девојки.

Граѓаните се немоќни во борбата против лажните вести затоа што главните медиуми стануваат пропагандната машинерија и се во служба на власта, која има цел народот да се држи во состојба на неинформираност. Тоа се гледа и низ примерот на Србија, каде што домашните медиуми се најинспиративни во најавите за нови војни, со што граѓаните односно гласачите би се држеле во постојана состојба на паника и страв. Резултатот од тоа е што на изборите тие се изјаснуваат за партиските лидери, кои себеси се промовираат како единствени бранители на татковината и на нацијата, а сите други се прогласувани за предавници.

И овде се поставува прашањето за границата меѓу легитимната политичка борба меѓу различните опции во политичката арена и производството на лажните вести и како тие да бидат препознаени од граѓаните? Еден од начините е да се постават јасни законски рамки односно санкции за медиумите што шират лажни вести, како и во почитувањето на професионалните стандарди и кодекси на оние што сакаат да се занимаваат со новинарството. На крајот сѐ се сведува на тоа колку се подготвени политичарите и партиите да ја почитуваат политичката култура во борбата во освојувањето на власта преку промовирање на нови идеи и програми, а не преку пласирање на дезинформации за своите ривали. Во отсуство на сите овие елементи, граѓаните што се соочуваат со своите егзистенцијални проблеми во своите земји, веќе се уморни од следењето на тоа кој кажал поголема лага и тие повеќе не се ни обидуваат да трагаат по вистината.