Граѓаните алармираат – напаѓачот не се крие

1473
Во Скопје се регистрирани едно кривично дело „силување“ и пет „полов напад врз дете”

Има ли појави на обиди за силување во Центар?

Граѓаните во последниов период пријавуваат обиди за силување. Во почетокот на јуни годинава девојка објави на социјалните мрежи дека била нападната од лице на околу 25 години во Центар. Во медиумите неодамна истапи и група на граѓани од општината Центар што го сподели своето искуство со напаѓач што речиси една година сексуално вознемирува девојчиња, а некогаш напаѓа и краде. Граѓаните бараат овој проблем да се реши.

Македонија има генерален проблем со сексуалното насилство. Во 2018 година, од страна на Министерството за внатрешни работи биле евидентирани 31 случај на силување и 32 полови напади врз деца во Македонија. Според последните истражувања, 91 процент од жртвите на сексуални напади и силување најчесто се жени. Кога станува збор за сексуално насилство врз жените, често овој поим се поврзува со семејното насилство. Сепак, најголем дел од извршените несакани обљуби, како полови напади и силувања, е извршен од страна на интимниот партнер.

Но последните случувања за напади што циркулираа низ јавноста се од различна природа. Во изминатиов период се објавуваа информации за напади врз девојчиња низ централното градско подрачје. Девојката што била нападната на својот фејсбук-статус напиша дека лице на околу 25 години се обидело да ја силува, а дека таа не била прв ваков случај во општината Центар и апелираше на внимание за да не случи повторно ваков напад.

– Вчера бев нападната пред влезот на мојата зграда од црномурно лице на околу 25 години, висок околу 175-180 сантиметри. Се обиде да ме силува, беше соблечен, меѓутоа, за среќа, успеав веднаш да избегам. Во полициска станица ми кажаа дека јас сум петта жртва и дека во периодов се случиле уште четири случаи, а еден случај бил многу посериозен од мојот. Споделете за да се расчуе дека во Центар циркулира опасен човек и не би сакала да се случи уште еднаш ваков напад – пишува девојката Тамара Д. на Фејсбук.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека од почетокот на годинава до јуни се извршени пет полови напади врз дете и едно силување. Полов напад врз дете што не наполнило 14 години, според кривично-правниот опис, претставува дејство што се однесува на настани во кои на жртвата, покрај вербалното атакување, ѝ се случува и физички контакт во смисла на непримерно или недозволено допирање, без сексуален контакт.

– Од 1.1.2019 година до 15.6.2019 година на подрачјето на СВР – Скопје се регистрирани едно кривично дело „силување“ и пет кривични дела „полов напад врз дете што не наполнило 14 години. Од вкупно регистрираните шест кривични дела, за четири кривични дела веќе до надлежното ОЈО – Скопје се поднесени четири кривични пријави против пет лица, од кои две биле малолетни. Потоа, уште едно кривично дело е расветлено и по целосното документирање ќе биде поднесена кривична пријава против едно лице, а за едно кривично дело СВР – Скопје презема мерки и активности за негово расветлување – велат од МВР.

Група граѓани од централното градско подрачје излегоа јавно во медиумите и ги споделија своите искуствата со овој напаѓач што живее и дејствува во нивата околина. Тие велат дека станува збор за средовечен маж, кој некогаш се претставува како емигрант, среде бел ден се соблекува гол, сексуално вознемирува девојчиња, напаѓа и краде златен накит. Горан Десоски, жител на општината Центар, во медиумите вели дека оваа личност, која наводно зборува арапски и лош англиски јазик, една година ги напаѓа малите девојчиња. Повеќепати е виден како дува лепило и пие алкохол. Борислав Јангушевски вели дека лицето се претставува како странски државјанин, но дека од полицијата преку отпечатоци на прстите го идентификувале како наш државјанин од ромска националност и дека има досие за кражби и разбојништва. Тој вели дека постојано го пријавуваат во полиција. Еднаш нападнал жена среде бел дел и за малку ќе ја задавел при крадењето на златното синџирче, но откако бил приведен од полицијата, потоа набргу бил пуштен на слобода и повторно извршил друго кривично дело.

Според жителите од општината Центар, овој човек во нивното маало се појавил во септември минатата година и прво бил виден како спие на картони кај подземните гаражи во околните згради. На почетокот мислеле дека е бездомник и му помагале со храна и облека. Но подоцна, со неговото однесување, тој станува закана за нив. На социјалните мрежи го посочуваат жители од различни општини, за да ги предупредат другите граѓани на Скопје. Други, пак, го препознаваат и потврдуваат дека претходно напаѓал во Карпош и во Тафталиџе, а бил забележан и во Топанско Поле и во близината на железничката станица. Граѓаните од општината Центар јавно побараа од надлежните институции да се организираат и да најдат решение за него.