Гран при на изложбата „Арт експо“ во Венеција за Кашавелски

276

Уметникот Синиша Кашавелски освои гран при на изложбата „Арт експо“ во Венеција, која се одржа пред десетина дена. Таа е уште една во низата награди што во изминатите неколку години тој ги добива на престижни изложби. Во 2015 година Кашавелски доби златен медал меѓу 600 уметници од цел свет на годишната изложба Салон на убавите уметности под Стаклената пирамида во Лувр, претходно златен медал освои и на Зимскиот салон во Гранд Пале во Париз. На изложбата се претстави со сликата „Бол и бес“, селектирана како најдобра во отсекот сликарство и наградена со гран при. Кашавелски членува во Здружението на ликовните уметници на Франција и во Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое му ја додели националната награда „Димитар Кондовски“.

Твори во техниката масло на платно и неговите дела досега се претставени во многу светски центри на уметноста, на меѓународни ликовни настани и на саеми на уметнички дела, како што беше претставувањето на АРТ021 во Шангај минатата година. Роден е во Куманово во 1969 година, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во 1992 година. „Арт експо“ во Венеција се одржа од 16 до 19 март, изложуваа 400 уметници од 30 земји во светот. Идејата на настанот е зајакнување на уметничката активност и стимулирање на уметничкиот пазар. Изложуваат автори од разни уметнички правци, како сликарство, скулптура, графика, видеоуметност и керамика. Проектот е организиран од тим реномирани куратори предводени од Сандро Серадифалко, Франческо Саверио Русо и од Салваторе Русо.