Фото: Зоран Антоски

На десетина локации во градот се градат поголем број колективни станбени згради, а интересот за купување станови е над сите очекувања откога, пред сѐ, печалбарите почнаа да ги менуваат навиките и наместо, како и досега, да градат сопствени куќи, одлучуваат да купат станови во некоја од новоизградените згради

И покрај економската криза во земјава и забрзаното иселување на младите во странство, сепак, според интензитетот на станбената изградба, овие констатации како да не важат за Кичево, бидејќи во овој град се случува вистински градежен бум. На десетина локации во градот се градат поголем број колективни станбени згради, а интересот за купување станови е над сите очекувања.
Се бараат станови од сите големини и секој според длабочината на џебот се определува да купи поголем или помал стан.

– Ако се има предвид дека од нашиот регион во странство има голем број печалбари, тогаш е разбирлив интересот за купување станови, што во најголема мера придонесува во Кичево да се градат поголем број станбени објекти. За разлика од порано, кога главни и единствени купувачи на овие станови беа печалбарите, сега се случува половина од овие станови да ги купат граѓани што не се на печалба, туку работат во земјава, во јавната администрација, локалната самоуправа или на друго место во градот и пошироко. Цената за еден квадратен метар станбен простор изнесува 700 евра, што сметаме дека е прифатлива цена за нашите купувачи, ако се имаат предвид квалитетот на градба и големиот интерес за новоизградените станови – вели сопственикот на градежна компанија и инвеститор Касум Реџепи, кој е пријатно изненаден од интересот на граѓаните за купување и деловни простори.

Ова последново е особено интересно кога ќе се земе предвид фактот дека голем дел од постојните деловни простори во градот веќе подолг период стојат затворени.
– И покрај тоа што во нашиот град има голем број деловни простори, од кои дел не се во употреба, сепак кај нашите сограѓани сѐ уште постои огромен интерес за вакви објекти. Тоа особено важи за дуќаните на атрактивни локации во градот, како што е случајот со двете згради што ги градиме кај градската болница и каде што за кус период се продадени повеќето деловни простори. Така во овие објекти дуќаните што излегуваат на улица чинат 2.000 евра за квадратен метар, додека оние дуќани што се малку понастрана чинат 1.000 евра за квадратен метар – додава Реџепи.

Сопствениците на градежни компании посочуваат дека и печалбарите ги менуваат навиките и, ако порано биле определени да градат куќи, денес претежно се одлучуваат да купат станови во некоја од новоизградените станбени згради.
– Интересот за купување станови во нашиот град се должи, пред сѐ, на промената на навиките на печалбарите, кои порано беа определени да изградат куќи со убаво уреден двор, додека денес работите се променија, бидејќи ретко кој одлучува да гради куќа и безмалку сите се фокусирани кон купување станови. Како што велат самите купувачи, тие сметаат дека одржувањето на куќите е многу поскапо. Што се однесува до желбите на купувачите, тие во најголем број бараат трисобни и двособни станови, но има муштерии што сакаат станови поголеми од 120 квадрати и во повеќе наврати се случува два помали стана да ги претвориме во еден голем стан по примерот од Запад – истакнува нашиот соговорник.

Свое видување на овој тренд во градот има и најстариот архитект во Кичево, Мире Спасеноски, кој истакнува дека печалбарите не се како порано. Денес се многу порационални и затоа се одлучуваат да купат станови наместо да градат куќи, што ја поттикнува станбената изградба во градот.
– Промената на навиките кај нашите гастарбајтери повеќе да не трошат непотребно пари во големи куќи, туку да бидат многу порационални и со помалку пари да обезбедат покрив над главата, за да им се најде кога ќе доаѓаат на одмор во земјава или во пензионерски денови, создаде нова култура, што придонесе за градежниот бум во градот. Од оваа градежна експанзија сите можат да бидат задоволни, а најмногу стовариштата за градежни материјали и градежните фирми. Конечно, со завршувањето на овие градежни објекти и градот ќе добие нов урбан лик – вели Спасеноски.
Инвеститорите истакнуваат дека повеќето станови во новите објекти се продадени речиси на самиот почеток од изградбата, што е дополнителен стимул за зголемена станбена изградба во Кичево и во наредниот период.