Гонзалес со проверени сили против Романија

253

На списокот селекторот Гонзалес има 13 искусни интернационалци и 15 млади ракометари од домашниот шампионат, за мечевите на 10 и на 13 јуни

Селекторот на машката репрезентација Раул Гонзалес го објави поширокиот список со ракометари на кои ќе смета во претстојните подготовки за бараж-дуелите со Романија за пласман на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска во 2019 година.
Селекторот не направи некакви поголеми измени. Најзвучно е отсуството на искусниот дефанзивец Ацо Јоновски, кој нема да може да им помогне на соиграчите поради повреда. На списокот Гонзалес има 13 искусни интернационалци и 15 млади ракометари од домашниот шампионат.

Црвено-жолтите досега пет пати играа на светските првенства (три во низа), а најдобар пласман е деветтото место на Мундијалот во 2015 година во Катар. Романија, пак, е четирикратен светски првак, во 1961, 1964, 1970 и 1974 година (има и бронзи во 1967 и во 1990 година), но од 1995 година има само два настапа, последниот во 2011 година. Македонија, пак, постојано настапува на европските и на светските првенства од 2012 година (седум во низа).
Македонија и Романија двата бараж-дуела треба да ги одиграат на 10 и на 13 јуни, првиот во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, а вториот во Клуж.