Гонзалес: Нема да имаме никаков проблем ако играме како што можеме

1418
Македонија и Грција играа меѓусебе во 2014 година Фото: Дарко Андоновски

Тоа што првите две селекции од групите и четирите најдобри трети ќе играат на ЕП дополнително ги зголемува опциите. Немам информации за Турција и за Грција, а Исланд е селекција што има одлични искусни и неколку млади квалитетни ракометари, рече македонскиот селектор Раул Гонзалес, по ждрепката за квалификациите за ЕП 2020

Селекциите на Исланд, Турција и на Грција ќе ѝ бидат противници на Македонија во групата 3 за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, што ќе се игра во Шведска, Австрија и во Норвешка. Тоа е првото ЕП на кое ќе настапат 24 репрезентации, наместо како досега 16. Најсериозен противник на Македонија ќе ѝ биде Исланд, кој е и еден од најредовните противници на македонските репрезентативци во квалификациските мечеви за пласман на европските и на светските првенства.

– Ако играме онака како што знам дека можеме и умееме, тогаш верувам дека нема да имаме никаков проблем да обезбедиме пласман на ЕП 2020. Добро е тоа што ждрепката ја дочекавме од првиот барабан и ги избегнавме фаворитите. Самиот факт дека првите две селекции од групите и четирите најдобри трети ќе се најдат на тоа ЕП дополнително ги зголемува опциите. Немам информации за квалитетот и за составот на селекциите на Турција и на Грција, додека Исланд е селекција што има одлични искусни играчи како Арон Палмарсон, Гудјон Валур Сигурдсон, Рунар Карасон и неколку млади квалитетни ракометари, кои дополнително му даваат квалитет на тимот – изјави македонскиот селектор Раул Гонзалес.

За Македонија и за Исланд ова ќе биде седми квалификациски дуел за пласман на големите натпреварувања, а трипати (двапати на СП и еднаш на ЕП) биле ривали во групните фаза на првенствата. Во 15-те меѓусебно одиграни мечеви Исланд забележал 11, Македонија три победи, а еднаш одиграле нерешено. Селекцијата на Турција, пак, трипати ѝ била противник на Македонија во квалификациските мечеви за пласман на ЕП и на СП и сите три меча завршиле со победа на Македонија. Со Грција Македонија досега одигра три квалификациски двомеча за пласман на СП 2001, 2003 и 2015 во кои забележа пет убедливи победи и еден минимален пораз.

Во квалификациите ќе бидат вклучени 32 селекции, кои ќе играат за 20 преостанати места на ЕП. Директен пласман на ЕП 2002 имаат трите репрезентации домаќини, Австрија, Шведска и Норвешка како и актуелниот европски првак Шпанија. Квалификациите треба да се одигруваат во три периоди, и тоа од 24 до 28 октомври годинава, потоа од 10 до 14 април в година, и од 12 до16 јуни 2019 година.