Гонзалес: Можеме да успееме само ако играме како тим

339
Раул Гонзалес Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија мора да победи на првиот меч против Јапонија, а потоа ќе мислиме на вториот натпревар. Нема да биде лесно, против себе ќе имаме силни репрезентации. Секој противник мора да се респектира, изјави селекторот Гонзалес, чии избраници утре заминуваат за Минхен, за настап на СП 2019, од петок до 27 јануари

Македонската машка ракометна репрезентација денеска ќе ги одработи последните два тренинга пред утрешното заминувањето за Минхен, каде што од петок до 27 јануари ќе настапи на 26-то Светско првенство (СП), кое првпат ќе се игра во две земји (Германија и Данска).

Избраниците на Раул Гонзалес имаа успешна контрола пред почетокот на СП, откако подмладениот состав на Македонија во два наврата беше подобар од селекцијата на Србија. Во официјалниот меч Македонија славеше со 37-31, а во т.н. затворен натпревар беше забележана минимална победа со 28-27. Гонзалес е задоволен од двете победи, но опоменува дека не е исто да се игра пријателски и официјален натпревар.

– Во првиот меч одигравме многу добро за разлика од вториот меч, во кој не бевме на посакуваното ниво. Но задоволен сум што играа сите. Во Германија ќе биде многу потешко, бидејќи официјалните натпревари се нешто сосема друго. Не се знае дали секогаш е добро ако се победува на пријателски натпревари. Македонија мора да победи на првиот меч против Јапонија, а потоа ќе мислиме на вториот натпревар. Нема да биде лесно, против себе ќе имаме силни репрезентации. Секој противник мора да се респектира. Сакам да играме како тим, само така можеме да успееме – изјави Гонзалес.

Македонија на СП ќе биде во групата Б, која ќе се игра во Минхен, заедно со актуелниот европски првак Шпанија, потоа Хрватска, Исланд, Јапонија и Бахреин. Македонските репрезентативци во Минхен ќе имаат уште два дена за тренинг во салата „Олимпиахале“ (капацитет 12.000 гледачи). Мечот со Јапонија е на 11 јануари, од 15 часот. Во 2. коло Македонија ќе се надигрува со селекцијата на Бахреин (недела, од 14 ч.), а потоа ќе следуваат дуелите со Хрватска (понеделник, од 18 ч.), Шпанија (16 јануари, од 20.30 ч.) и со Исланд (17 јануари, од 18 ч.).

Пласман во следната групна фаза обезбедуваат трите најдобропласирани селекции од секоја од четирите групи, кои ќе формираат нови групи (едната од селекциите од групите А и Б, другата од Ц и Д). Најдобрите четири селекции од тие две групи продолжуваат во полуфиналето, а преостанатите репрезентации разигруваат за пласман. 


Јапонија и Исланд одиграа најмногу тест-средби пред СП 2019

Во изминатите неколку дена сите селекции од групата Б одиграа тест-мечеви за проверка на формата и можностите во пресрет на Светското првенство во ракомет од петок во Германија и во Данска. Во подготвителниот период, првиот противник на Македонија, селекцијата на Јапонија, забележа една победа над Чешка (27-25), две ремија, со Полска (25-25) и со Швајцарија (28-28), и двапати беше поразена, од Португалија (27-25) и од Тунис (34-31). Бахреин одигра двомеч со заедничкиот ривал од групата Б, Исланд и двата ги загуби (36-19 и 36-24), а славеше убедлива победа во дуелот со Грција (27-21). Исланѓаните, пак, славеа победа и над Холандија, со 27-23, и над Бразил со 33-29 а загуби од Норвешка со 25-31. Хрватска заврши како победник на Хеп-купот во Пореч, победувајќи ги Црна Гора (34-22) и Италија (28-20), а актуелниот европски првак Шпанија имаше успешни тестови со Белорусија (40-29), Полска (34-28) и со Саудиска Арабија (42-25). Та.Д.