Голема изложба на Ван Гог во Данска

57

Триесет и девет дела од Винсент ван Гог се изложени во музејот „Аркен“ во Копенхаген

Оваа изложба се фокусира на спиритуалниот аспект на творештвото на Ван Гог, неговиот поглед на природата, и е прва ваква голема изложба посветена на неговите слики и цртежи во последниве педесет години во Данска.
Рано во својот живот Ван Гог ја загуби вербата во црквата и во институциите, но не ја загуби вербата во бога и беше убеден дека со своите дела прави добро дело. Изложбата во „Аркен“ сака да се фокусира на неговата експресија на природата и на човечноста. Со вибрантни потези на четката и енергични бои, тој го пресликува своето поимање на спиритуалноста во природата.

Ова е прва голема изложба на Ван Гог во Данска, а делата се позајмени од музејот „Кролер-Мулер“ и тоа се дела што досега не се изложувани во оваа земја.
Покрај изложбата на Ван Гог, во музејот ќе биде поставена и друга поставка, насловена „Ѕвездени ноќи“, инспирирана од неговото славно дело, на која ќе бидат изложени дела од уметници што исто како Ван Гог ги истражуваат скриените спиритуални димензии на природата.