Големата мајка ја чува Тумба Маџари

67

Дали сте знаеле…

Тумба е археолошки локалитет во скопската населба Маџари. Тука е откриена населба од неолитското време, односно од 6 милениум пред наша ера.
Се наоѓа на североисточниот крај на Скопје, во просторот меѓу населбите Маџари и Ченто, непосредно до фудбалското игралиште, на околу 700 метри од левата страна на автопатот Скопје – Куманово – Велес. Претставува мала височинка – тумба со пречник во основата од 220 метри и висина од 3 метри.

Од археолошките откритија, покрај керамиката, значајна е и откриената култна пластика, а најзначајна е фигурата на Големата мајка Божица – заштитничката на плодноста. Таа е претставена на начин што засега е непознат меѓу неолитските култури од другите балкански простори. Од богатиот репертоар на откриени садови, повеќето се откриени околу огништата, се истакнуваат амфорите сликани со темнокафени или кафени орнаменти на бледа окер боја. Друга група садови се од категоријата луксузна керамика, во кои има ѕвонести пехари, а посебна група се топчестите грниња. Во Тумба Маџари е најден накит, изработен од плоснат дисковиден речен камен, продупчен со две конусни дупчиња за ставање кожена врвка за носење на врат. Најдени се коскени белезици, како и цилиндрични коскени мониста од ѓердани.

Меѓу другите предмети што се најдени, има тегови за разбој, биконусни тегови за рибарски мрежи, голем број алатки изработени од животински коски, игли, шпатули, јадици и друго. Од камен биле изработувани авани, ножиња, тесли, длета, мотики, топузи и друго, а мотиките и секирите се насадувале на рог што лесно се дупчел за да се стави држалка.

Во близината на археолошкото наоѓалиште е изградено неолитското село, каде што се изградени неколку куќи во неолитски стил, во кои се поставени кукли што вршат некаква активност, но и предмети, вистински или копии на пронајдените, со што на посетителот му се доловува животот во неолитското време.