Голден стејт продава влезници и за поттрибинскиот простор

69

Тимот игра 300 меча пред полна сала, а на листата на чекање за сезонски билет има 44 илјади симпатизери, па „воините“ во продажба пуштаат уште 200 месечни билети со кои навивачите мечот ќе го следат на екрани во холовите, рестораните и во баровите во салата

Главна причина за посета на еден голем спортски настан е да се почувствуваат атмосферата, мешаницата, навивањето и да се гледаат и да се бодрат во живо омилените играчи. Но дали сте подготвени да платите билет доколку немате јасен поглед на натпреварот?
Секогаш не може да се доловат сите тие сегменти од настанот доколку не внимавате за какво место сте платиле билет, пишува Би-би-си. Често на стадионите се случува да добиете место зад некој столб или, пак, покривната конструкција да биде толку ниска што ќе ви одзема дел од видното поле, но има такви што би платиле билет само за да влезат во кругот на салата или на стадионот и потоа да го следат мечот на видеобим. Таков е случајот со тимот од кошаркарската НБА, Голден Стејт вориорс, кој на своите симпатизери им нуди билети за да го гледаат мечот на екран во холовите на арената. Тргнувајќи од фактот дека за претходните 300 домашни натпревари салата целосно им е распродадена, а на листата на чекање за сезонски билет имаат 44 илјади симпатизери, повеќе од логичен е потегот на „воините“, кои во продажба пуштаат уште 200 месечни билети (по цена од 100 долари) со кои навивачите немаат пристап до арената и до местата за седење, туку само во холовите, рестораните и баровите во салата, а мечот би го следеле на екрани.

– Во интерес на навивачите се одлучивме на потег со кој ќе им ги доближиме возбудата и атмосферата во арената – изјавила за Би-би-си Лиса Гудвин, директорката за комуникации на „воините“.

На сличен потег се одлучиле и некои од клубовите во шпанската фудбалска лига, вклучувајќи ги Леганес и Реал Мадрид, кои поставиле огромни телевизиски екрани пред влезовите на стадионите, за да ги испочитуваат навивачите што нема да успеат да стигнат до влезница, а ќе сакаат да останат одблиску да ја почувствуваат возбудата на натпреварот.