Голден стејт како Бостон пред половина век

177

Во финалето на Западната конференција, Голден стејт го збриша Портланд трејлблезрес, победувајќи го со вкупни 4-0

Голден стејт вориорс е првиот тим по Бостон селтикс во 1966-та, предводен од Бил Расел, кој се пласирал во петто НБА-финале по ред. Селтикси во периодот од 1957 до 1966 година играа во 10 финалиња!

Во финалето на Западната конференција, Голден стејт го збриша Портланд трејлблезрес, победувајќи го со вкупни 4-0, и се пласира во големото НБА-финале. „Воините“ ќе се обидат да ја освојат третата титула во низа, вкупно четврта, а за противник ќе го имаат подобриот од финалето на Истокот, Милвоки бакс или Торонто репторс. Во сезоната 2015/2016 во големото финале Голден стејт беше поразен од Кливленд кавалирс со 4-3.

Пласманот на Голден стејт во финалето на Западот е уште поголем, ако се има предвид дека на дуелите против Портланд не можеа да сметаат на тројцата стартери, повредените Кевин Дурант, Андре Игудала и Дамаркус Казинс. Во нивно отсуство блескаа Стеф Кари (со 37 поени беше најефикасен во четвртиот меч, плус 13 скока и 11 асистенции) и Дрејмонд Грин (трипл-дабл ефект, 18 поени, 14 скока и 11 асистенции), кои се првите кошаркари од ист тим со трипл-дабл ефект во плејоф-меч.
– Да се пласирате во петто финале по ред е многу, многу тешко. Такво нешто не му успеало на ниту еден тим по Селтикси со Расел, и за тоа треба да ѝ се оддаде голема почит на оваа група играчи за нивната посветеност, желбата за победа и тоа што нудат максимум на секој меч – изјави тренерот на воините Стив Кер.

Финалната пресметка на Западот ќе се памети и по браќата Стеф Кари (Голден стејт) и Сет Кари (Портланд), кои се првите што играле меѓу себе во финале на конференција. Поуспешен, според индивидуалниот, секако и екипен, ефект беше постариот Стеф Кари (31), кој на сите натпревари постигнуваше по 30 и повеќе кошеви. За нивните родители, Дел Кари (исто така поранешен познат НБА кошаркар) и Соња Кари, кои беа на трибините на сите натпревари навивајќи за синовите, заврши „кошмарот“ и сега ќе можат заеднички да навиваат за Стеф во походот кон нова НБА-титула и четврти шампионски прстен.