Годината што го промени светот – 1969-та

62

Пред половина век, светот беше сведок на неверојатни настани што предизвикаа генерациски промени – од подемот на информациската ера, преку интензивирањето на протестите и отпорот против Виетнамската војна и доаѓањето на периодот на евтини комерцијални летови, па до културните настани од огромно значење за општествата, во кои забавата стана сѐ поповрзана со политиката

1. „Аполо 11“ го исполни ветувањето што претходно го даде американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, кој беше убиен во атентат во 1963 година. Тој најави дека Америка безбедно ќе испрати човек на Месечината до крајот на деценијата. На 20 јули, Нил Армстронг стана првиот човек што зачекори на површината на Месечината, славно порачувајќи дека тоа можеби е само мал чекор за човекот, но дека е огромен чекор за човештвото

2. Њујоршката полиција упадна во „Стоунвол ин“, геј-клуб во Гринич Вилиџ. Рацијата на 28 јуни предизвика шестдневни безредија, кои беа катализатор на движењата за правата на хомосексуалците во САД и во целиот свет

3. „Боинг 747“ го изврши својот прв комерцијален лет на 9 февруари. „Џамбоџетот“ на американската компанија го направи воздушниот сообраќај достапен за милиони луѓе во целиот свет

4. „Конкорд“ на 2 март го изврши својот прв пробен лет од Тулуз, Франција, пред да го направи својот прв суперсоничен лет на 1 октомври

5. Првото постојано поврзување помеѓу компјутери е воспоставено во САД на 29 октомври. Активирањето на мрежата АРПАНЕТ беше пресвртница и ги постави темелите на интернетот. Светската мрежа подоцна му овозможи на денешниот свет да ги ужива придобивките од хипертехнологијата

6. На 5 октомври, во Британија е емитувана првата епизода од Летачкиот циркус на Монти Пајтон, телевизиската серија што стекна култен статус во целиот свет. Џон Клиз, Тери Џонс, Греам Чепмен, Мајкл Пејлин, Ерик Ајдл и Тери Гилијам со својот интелигентен хумор ги исмејуваа британскиот живот и естаблишментот, а нивните скечеви се популарни до денес

7. Во годината на антихерои, светот го доби еден од најгледаните филмови. Со Пол Њумен и Роберт Редфорд во главните улоги, а во режија на Џорџ Рој Хил, филмот „Буч Касиди и Санденс Кид“ освои 16 награди, меѓу кои и четири „оскари“

8. Легендарниот тридневен музички фестивал „Вудсток“ почна на 15 август во северниот дел од американската сојузна држава Њујорк. На фестивалот се појавија едни од најголемите музички легенди во светот, како Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Џо Кокер, Сантана и многу други. „Вудсток“ привлече публика од 500.000 луѓе и до денес се смета за еден од клучните настани во музичката историја, што дефинираше цела генерација на контракултурата

9. Ричард Никсон е инаугуриран во 37-от американски претседател на 20 јануари. Неговата инаугурација помина во сенка на масовните протести против непопуларната Виетнамска војна, која тогаш беше во својата 14-та година. Во 1974 година, под закана од импичмент поради политичкиот скандал „Вотергејт“, Никсон се повлече од претседателската функција и до денес е единствениот потстанар во Белата куќа што го сторил тоа

10. Голда Меир е избрана за премиерка на Израел на 17 март. Таа тогаш беше само трета жена во светот што ја освои премиерската функција по Сиримаво Бандаранаике од Цејлон (Шри Ланка) и Индира Ганди од Индија

11. Бројот на американски војници во Виетнам го достигна врвот од 543.400 припадници на армијата. Војната продолжи до април 1975 година, а во неа животот го загубија 57.939 Американци

12. „Битлси“ последен пат настапи во живо на покривот на зградата на „Епл корпс“ во Севил Роу, Лондон, на 30 јануари