Гневот во Америка

534

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го искористи гневот на народот за да ги оствари сопствените интереси. Но тој не го создаде тој гнев. Елитите на САД со децении го правеа тоа, создавајќи услови за да се појави лик како Трамп

Ендрју Шенг и Сјао Генг

Многумина денес го обвинуваат популистичкиот бунт на Западот предводен од крајната десница што ги освои гласовите, бидејќи ветуваше дека ќе ги исполни барањата на работничката класа додека ги подгреваше стравовите и ја поттикнуваше поларизацијата. Но со обвинувањето на лидерите што го искористија гневот на народот, многумина ја потценуваат моќта токму на тој гнев, кој е насочен кон елитите чие богатство нагло растеше во изминатите 30 години додека стагнираа средната и работничката класа.
Две скорашни анализи навлегуваат во суштината на проблемот, особено во САД, но исто така и во другите делови од светот. Во својата нова книга „Хаос“, новинарот Стивен Брил тврди дека американските институции повеќе не ги исполнуваат обврските, бидејќи тие штитат само малкумина, а другите се изложени на предаторското однесување во име на слободниот пазар. Според Брил, ова е резултат на американската меритократија (систем на управување според заслугите): најдобрите и најпаметните имаат шанса да дојдат до врвот, но потоа не дозволуваат никој да го достигне нивниот успех, притоа ги заробија демократските институции и ги искористија за да се стекнат со посебни привилегии за себе.

Авторот Метју Стјуарт се согласува со ова и вели дека „меритократската класа го усоврши стариот трик на консолидирање на богатството и дава привилегии на сметка на туѓ грб“. Стјуарт покажува дека во средината на 1980-тите, уделот на американското богатство на долните 90 отсто од популацијата достигна 35 отсто. По три децении, тие поседуваа само 20 отсто од речиси сето она што го изгубија за да се искачат до оние 0,1 отсто најбогато население. Разлика од 9,9 отсто меѓу групите, она што Стјуарт го нарекува „нова американска аристократија“, ја претставува старата средна класа. Во 1963 година, 90 отсто од населението ќе требаше шесткратно да го зголеми богатството за да стане дел оние 9,9 отсто. До 2010 година ќе беше потребно 25 пати да го зголемат богатството за да стигнат до тоа ниво.
Поголемиот дел од американското население работи напорно како никогаш досега, но сепак се соочува со пад на животниот стандард поради високите семејни долгови, кои, обично, се последица на недоволното здравствено осигурување. Најбогатите десет отсто од населението имаат полесен пристап до високото образование, што ќе им овозможи на нивните деца да ги добијат истите привилегии како нив. Долните 90 отсто од населението мора понапорно да работат за да ги покријат високите школарини, а по дипломирањето им останува голем долг што треба да го исплатат. Најбогатите десет отсто добиваат првокласна медицинска нега, што не е случај со преостанатите 90 отсто или, пак, мора да платат неверојатно висока цена.

Даноците би требало да го изедначат полето на игра. Но американските републиканци долго време се залагаа да се намалат даноците за богатите, тврдејќи дека намалувањето на маргиналните даночни стапки ќе промовира инвестиции, нови вработувања и економски пораст што ќе овозможи распоредување на богатството и во другите слоеви на општеството. Всушност, кратењето на даноците за богатите практично ќе ги утврди нивните предности, а ќе ја влоши нееднаквоста.
За нештата да бидат уште полоши, сиромашните плаќаат повеќе индиректни даноци (за земјата, недвижниот имот и потрошните добра), а долните 20 отсто од американското население плаќаат над двојно повеќе од она што најбогатите еден отсто плаќаат како државни даноци. Ако на тоа се додадат предизвиците од автоматизацијата и роботизацијата, а да не зборуваме за позачестените и посилните природни катастрофи, тогаш и не е тешко да се види зошто толку многу луѓе се гневни.
Според Стјуарт, оние 9,9 отсто се практично „кадарот што управува со машинеријата што ги насочува ресурсите од оние 90 отсто кон оние од 0,1 отсто, кои се задоволни што зеле дел од пленот“. Но нееднаквоста што се создава со оваа машинерија може да има сериозни последици, затоа што поттикнува граѓанско незадоволство и непредвидливи политики, како што можеме да забележиме денес во САД. Како што тврди австрискиот историчар Валтер Шајдел, нееднаквоста во историјата беше спречена со војните, револуциите, распадот на државите или природните катастрофи.
За да се избегнат вакви драматични настани, оние 10 отсто би требало понапорно да работат за да ги подобрат интересите на оние 90 отсто во однос на приходите, богатството, добросостојбата и можностите. Сепак, комбинацијата на економската кусогледост и политичката поларизација натера многумина да го насочат својот гнев кон доселениците, Кина и трговијата (вклучувајќи ги блиските сојузници). Како резултат на тоа, сега целиот свет е зафатен со ескалирачка протекционистичка војна во која нема да има победник.

Точно е дека, историски гледано, внатрешните контрадикции и нерамнотежата честопати водеа до меѓудржавен конфликт. Но тоа не е неизбежно. Наместо тоа, исходот зависи од квалитетот на лидерството. На пример во САД, Џорџ Вашингтон, Абрахам Линколн и Френклин Д. Рузвелт успеаја да ја зајакнат нивната држава, затоа што ја препознаа потребата да се решат внатрешните поделби во име на американските суштински вредности, позицијата во светот и долгорочните цели.
Американскиот претседател Доналд Трамп го искористи гневот на народот за да ги оствари сопствените интереси. Но тој не го создаде тој гнев. Елитите на Америка со децении го правеа тоа, создавајќи услови да се појави лик како Трамп. Сега кога Трамп е на власт, условите за оние 90 отсто уште повеќе ќе се влошат. Неговиот пристап кон трговијата не само што нема да им помогне на луѓето што тој сака да ги застапува туку и ќе го уништи чувството на праведност и раководење што историски ги врзува масите со нивните лидери.
Политички е корисно другите да се обвинуваат. Но единствениот начин „Америка повторно да стане голема“ е само со решавање на внатрешните неправди, а тоа нема да се постигне со ниедна царина или ѕид на границата.

Авторите се истражувачи од Универзитетот во Хонгконг