Глобалисти и суверенисти

785

Уф, историја! Двајцата автори на колумната лево нè испрошетаа низ историјата. И како сега јас, човек што доаѓа од земја во која странските и домашните политичари постојано го силуваат со муабетот да не гледа во минатото, туку да се сврти кон иднината, да дебатирам со колумнистиве на тема историја? Па јас, бре, си имам министер што ми вели дека сум искомплексиран поради историјата. А ха, драги колеги колумнисти, ние го плаќаме за да ни трие сол на глава, бидејќи дигнат му е имунитетот. За него ние сме искомплексиран народ заради историјата. А ваму, во колумната лево, едночудо историја. Француска револуција, Наполеон, Роза Луксембург, Ленин, Сталин, конгресот во Бад-Годесберг. Среќа, јас сум доволно искомплексиран од историјата, па, за разлика од некои министри, сум писмен и креативен индивидуалец, а не политички инструирана марионета, која знаејќи што одработува ги мрази оние што му е заповедано да ги уништи како народ. Но да ја почнам дебатата.

Искрено, ни јас не знам што мајка бара Стив Бенон низ Европа. Не ме ни интересира. Можеби дошол да се подзамеша во внатрешните работи на Европската Унија. А, што па тука има чудно? Американец да се меша во туѓи работи. Ние имаме овердоуз од нивното мешање. Додуша, не од Трамп и Бенон, ама нивните американски политички противници душата и идентитетот ни ги извадија низ нос. И не само тие. Европската Унија не запрела да ни се меша во име, постоење и внатрешни работи. Ги почувствувавме и нивните „балкански методи“ преку отфрлање на референдумската одлука на граѓаните и создавањето нелегитимно двотретинско мнозинство, осликано со насилство, уцени и поткупи, за укинување на Македонија.
Оттука, не знам зошто чудењево околу мешањево. Што се однесува до мене, Стив Бенон може слободно да ја растури нивната изопачена, лицемерна и варварска моќ. Око нема да ми трепне.

Што се однесува до историјата, сето она лево ми звучи малку средношколски. Лекции по интернационализам или што произлезе од него. Фашизам и комунизам, социјалдемократија и национализам, денес сето ова сосема се измеша. На политички план судирот не е меѓу демократи и националисти. Тие веќе не постојат. Освен ако не зборуваме за судир меѓу лажни демократи и антиглобалисти. Вистинскиот судир е меѓу глобалисти и суверенисти. Едните, во името на моќта и капиталот сакаат да го одземат суверенитетот на државите. Тие сакаат, наместо граѓаните, да одлучуваат што е добро за нив, а што не. Затоа што се забегани елитисти. Суверенистите сакаат силни држави што сами одлучуваат за себе. Без разлика дали се дел од сојузи, унии или алијанси.
Тоа што се однесува да политичката борба. Во реалноста на обичниот човек, борбата е слична, ама различна. Со години на политичкото небо се менуваат левицата и десницата. Но тие одамна не се она што се претставуваат. Левицата заборави на сиромашните, на работниците. Десницата ги заборави трајните вредности. И едните и другите одамна не им служат на граѓаните. Нивни господари се банките, корпорациите, лоби-групите, воените профитери. Помогнаа богатите да станат побогати, а средната класа и сиромашните да доосиромашат. Изопачената светска моќ диктира и владее, а тие само се менуваат. И на граѓаните им пука филмот.

Гори Париз. Улиците вријат од незадоволен народ. Причина, поскапување на горивата. На секој чекор се водат улични борби со полицијата. Центарот на градот е во колапс. На покривите има полициски снајпери. Оние што протестираат донесоа и гилотина. Повторно мириса на Француската револуција. „Жолтите елеци“ полека стануваат европски симбол. Се кренаа и во Белгија. Веќе една недела Брисел е блокиран. И Холандија е на нозе. И таму се протестира против истото даночно покачување. Во Шведска и во Германија се протестира против политиката на отворени врати за мигрантите. Во Шпанија победи крајната десница. Првпат по падот на Франко. Во Полска ги палат знамињата на Европската Унија. Унгарија бара редефинирање на односите во истата таа Европска Унија. Стариот Континент се тресе. Спроти изборите за Европскиот парламент идната година: 2019-та ќе биде мошне интересна за набљудување.

И што може да се каже сега? Дека Трамп и Бенон стојат зад овие европски протести? Дека тие ги рушат глобализмот и либералниот капитализам? Еве, и да е така. А што па има различно, ако е така, од времето кога „длабоката држава“ преку Џорџ Сорос рушеше влади и држави низ Европа? Преку нивните исценирани „обоени револуции“ во кои имаше непотребни жртви? Рушеа влади, рушеа држави, октроираа власти што работат само за нивна политичка и економска корист. Е па, злото секогаш заборава дека неговите дела му се удираат од глава. Затоа, навистина не ми е јасна паникава ако една моќ, на ист начин, руши друга инсталирана моќ. Но не мислам дека Стив Бенон глуми Џорџ Сорос низ Европа. Сигурно е Путин тогаш, а? Нема да ме зачуди ако и такви наслови засветкаат по меинстрим-медиумите.

Стив Бенон веројатно е во Европа за навистина да ја зајакне позицијата на оние политичари што се против политиките на „длабоката држава“ и Соросовото „Отворено општество“. Не знам дали знаете, ама повеќето од половина европски пратеници се на платниот список на лажниот филантроп. Но она што се случува по улиците на Европа, верувам дека е од сосема други причини. Нивните политичари обземени од изопачената моќ што им е дадена, буквално аздисаа. Колку се станати безумни, саможиви и аздисани од моќ најдобро можеме да посведочиме ние тука, во Македонија. Кој од нив ни се нема накачено изминативе година-две. Но тие се такви и дома. Не работат за граѓаните, туку за моќта. Животите на луѓето се во канџите на банките. Даноците постојано растат. Како и цените. Средната класа полека осиромашува. Бегалците стануваат новата евтина работна сила. Згора на сè, не сакаат да се интегрираат, честопати гледаме насилство по улиците. Појавата на национализмот е сосема природна, но вистинскиот гнев кај луѓето не е етнички, туку економски. Глобалистите изгубија компас опиени од моќта, тоа е вистината. Европската Унија зеде дел од економскиот суверенитет на нејзините членки, но забеганиве сакаат да го одземат целосниот суверенитет на државите. Затоа, не верувам дека станува збор за обединување на светскиот национализам, што навистина звучи малку смешно и апсурдно, туку нова геополитичка студена војна, но овој пат меѓу глобализмот и суверенизмот.