Гламурозна трансформација на домот

1233

Ѕидовите се основата на секој дом. Тие се идеален дел што секогаш е подготвен за трансформација и дел што може да му даде нова нота на вашиот дом. Ѕидовите се еден вид празни сликарски платна подготвени за отсликување, украсување со уметнички слики, тапети и разни детали.
Наједноставен начин на декорација на ѕидовите е бојадисувањето. Можностите се неограничени, од едноставни еднобојни ѕидови до мајсторски отсликани дела, особено во детската соба.

Зошто светките и сјајните предмети да ги користите само за декорација на вашите нокти и очи, зошто да не се обидете да ги внесете и во вашиот дом?
Ако сте љубител на светки, сјајни предмети и блескави детали, ви нудиме одличен предлог за разубавување и внесување промена во вашиот дом.
На еден од ѕидовите во дневната или во спалната соба направете му гламурозна трансформација. Обојте го ѕидот со специјална боја со светки или едноставно залепете ѕидни тапети со светкави декорации. Исто така можете на дел од ѕидот да залепите самолепливи светкави декорации во различни компилации (цветови, пеперутки и сл.). Најпопуларни се сребрената и златната нијанса, но нема да погрешите и ако експериментирате користејќи нијанси на благородни метали и скапоцени камења.
Популарни се декоративните плочи за ѕидови со различни релјефи, бои и дезени, во комбинација со украсни лајсни. Така можете да добиете старински камени ѕидови, мермерни агли, релјефни столбови и сл.

Доколку, пак, имате голема, пространа и добро осветлена дневна соба, можете на еден дел од ѕидот да направите вертикална градина. Но секако претходно мора да направите добра хидро и термоизолација на ѕидот.
Доколку имате мали деца, вистинско уживање за нив ќе биде ако еден од ѕидовите во домот го премачкате со боја за школска табла. Така вашите деца ќе добијат простор каде што секојдневно ќе ја искажуваат својата фантазија со креативни цртежи, а вие ќе се ослободите од грижите поради исчкртани ѕидови.