Гасоводот на Водно и ризиците за Скопје

265

Покрај еколошките аспекти, потребно е да се разгледаат и оценат и стратегиските безбедносни и други аспекти. Дали постојат опасности намерни или ненамерни? Генерално, енергетските главни доводи на гас не би требало да се градат или да го обиколуваат главниот град на државата, како што во случајот е проектот за гасоводот за снабдување еден предел (во дадениот случај Полог), а да поминува фактички низ Скопје. При каква било хаварија на цевководот, особено поради поставеност во близината на градот, што ќе значи брзо загрозување на градот и еколошкото загадување на атмосферата над градот. Но хавариите можат да бидат и намерни, и тие обично се прават на точка што може да предизвика голема штета или да биде со намера да се предизвика опасност за градот и населението.

Кои се безбедносните сигурности на Скопје, главниот град на нашата држава Македонија, ако цевководот за снабдувањето со гас на Полог минува низ висините на Водно? Макар и еден промил опасност за градот не смее да се дозволи од безбедни причини. Поминувањето на гасоводот каде што сега е проектиран, по висините на Водно (по сртот на планината), од повеќе аспекти не обезбедува сигурност. На овој начин ние сами си ја ставаме лачката околу вратот во случај на диверзија и ако таа во овој момент, во овие услови, нема шанси ни за промил.

Но и генерално гасовите за снабдување друга област од државата не би требало да поминуваат во близината на главниот град на државата (центарот на државата). Во една поранешна изработка на студија за Скопје, „Од која страна му се заканува опасност на градот Скопје“, во која учествуваа различни стручни профили, беа посочени повеќе индустриски објекти. Така на пример: мономерот во погоните на ОХИС (под висок притисок, со капацитети 150 тона, гасен), фабриката за ракети во пределот на Волково, „Темко“, и слични концентрации на контејнери или експлозивни материи што се користат во околината на Скопје, претставуваат потенцијална опасност за градот, а сето тоа беше заради тогашната постојна индустрија. Иако тие објекти беа под цела контрола и обезбедување, беа ставени како опасност за градот, според зададените критериуми за оцена на безбедноста на градот.

Според тоа, факт е дека главните поголеми цевководни (доводи), како и водовите за други предели (региони) во државата, треба да бидат подалеку, особено од главниот град на државата. Барем тие од кои не е зависно снабдувањето на нашиот главен град. Заобиколувањето на градот со гасни цевководи е опасна работа и треба да се води сметка за сите опасности што можат да настанат. Не сум го заборавил случајот во Шпанија, кога на една цистерна за транспорт на бутан гас од 25 тона ѝ откажа испустен вентил во близината на еден камп, кога кампот и целата околина, „воздухот“, гореле. Грешката е патот и дозволата за транспортот на гас до населени места, кампови и сл.

Овој пример го наведов поради транспортните грешки што можат да се направат, а не е сличен толку со примерите од невнимание. Со овој мој допис им се придружувам на екологистите и нивните здруженија, како и на некои граѓански иницијативи. На овој начин се вклучуваме со нашите искуства и укажуваме на важните аспекти за зачувување на нашата животна средина (околина).

Поцев Стефан, професор во пензија