Газдата на Лестер, Шриваданапраба, настрадал во хеликоптерската несреќа

96

Хеликоптерот во кој се наоѓал газдата на премиерлигашот Лестер, Вишај Шриваданапраба, се урнал на паркингот во близината на стадионот „Кинг пауер“ по мечот Лестер – Вест Хем (1-1). Полицијата не изнесува детали од несреќата, но се претпоставува дека има петмина загинати при уривањето на хеликоптерот.
Би-би-си објави дека во хеликоптерот, покрај Шриваданапраба (60), биле неговата ќерка, двајца пилоти и уште едно лице, додавајќи оти нема потврда оти некој ја преживеал несреќата.

Шриваданапраба го купи Лестер во август 2010 година, а од февруари 2011 година е претседател на клубот. Под водство на тајландскиот бизнисмен, Лестер беше сензационалниот шампион во Премиер-лигата во 2016 година.
Тој има четири деца, но останува непотврдено дали некој член од неговото семејство бил во хеликоптерот. Познато е само дека неговиот син, Ајават Шриваданапраба, кој е заменик-претседател на Лестер, не присуствувал на мечот со Вест Хем и не бил во хеликоптерот. Скај спорт објави дека спортскиот директор на Лестер, Џон Радкин, исто така не бил во хеликоптерот.

Сведоци на инцидентот велат дека хеликоптерот, како и честопати досега, полетал од теренот на стадионот „Кинг пауер“. Набргу потоа станал тивок, очигледно пилотите загубиле контрола, моторите престанале да работат. Задниот пропелер не се вртел, по што хеликоптерот почнал неконтролирано да се врти, паднал на паркингот со голем тресок и се запалил.

Шриваданапраба, кој е газда и на белгискиот Левен, го купи Лестер во 2010-та за 43,7 милиони евра, е петтиот по богатство Тајланѓанец и, според „Форбс“, тежи над четири милијарди евра.