Вудс за 11 години од врвот до дното и назад

152

Вудс, кој во голфот е она што е Федерер во тенисот, за 22 години кариера освои 15 титули, од кои 14 од 1997 до 2008 година, а неодамна славеше на турнирот во САД, што е негова прва голема титула по 11 години, период во кој имаше лични и семејни проблеми, повреди, операции

Еден од најдобрите голфери на сите времиња, Американецот Тајгер Вудс, направи фантастично враќање на победничките патеки со освојување на еден од четирите најголеми турнири во сезоната, првиот, Мастерсот во Агуста, Џорџија, по пауза од 14 години. За Вудс ова е прв триумф во последниве 11 години, кога го освои САД опен, последниот врвен резултат во кариерата.
Вудс, кој во голфот е она што е Швајцарецот Роже Федерер во тенисот, во период од 22 години освои 15 титули, од кои 14 од 1997 до 2008 година. Поуспешен е само неговиот сонародник Џек Никлаус, кој во 24-годишната кариера освои рекордни 18 трофеи.

Доколку не му се случеше „црниот период“ во животот и во кариерата, Вудс уште поодамна најверојатно ќе го урнеше рекордот на Никлаус. Но личните проблеми, неверствата, прекумерната употреба на алкохол и дроги, потоа рехабилитацијата, како и четири операции на грбот, беа причините поради кои тој беше во „аут“ изминатите десетина години.

– Пред неколку години не можев ништо да сторам со моето тело, па затоа морав да направам неколку операции за да функционирам нормално. Потоа сфатив дека можам и да замавнувам со стапот. Моето тело веќе не е исто, но рацете уште добро ме служат – изјави 43-годишниот Вудс по последниот триумф за кој доби 2,7 милиони долари.

Во 1997 година, Вудс победи на Мастерсот во Агуста, Џорџија, стана најмладиот што победил таму и најмладиот победник на еден голем турнир по Втората светска војна.

Четири години подоцна, во 2001-та, го комплетира „Тајгер слем“, станувајќи првиот голфер што победил на четирите најголеми турнири во низа. До 2008 година успеа да победи на 14 најголеми турнири и тука почна неговиот пад. Следната година со автомобилот удри во дрво на Флорида, а на виделина излегоа и неговите неверства по што, по седум години, се разведе од сопругата, Швеѓанката Елин Нордегрен, што го чинеше над 100 милиони долари. Во 2014-та уследи првата од четирите операции на грбот во следните четири години.

Стеф Кари, кошаркарот на Голден стејт вориорс, кој шест пати настапил на олстар-натпреварот во НБА, победата на Вудс на Твитер ја оквалификува како „најдобрата приказна за враќање во спортската историја“. Одушевувањето за триумфот на Вудс не го криеја ниту поранешниот американски претседател Барак Обама, кој играл голф со Вудс, потоа Меџик Џонсон, Серена Вилијамс, Крис Еверт, Том Брејди, па и Гари Линекер и Герет Бејл, фудбалерот на Реал Мадрид, кој напиша само еден збор „неверојатно“. Та.Д.;Л.Д.


Големите пари се од спонзорите

Според пресметките на „Бизнис инсајдер“ од 1996 година наваму, Тајгер Вудс заработил околу 1,4 милијарда долари. Заработката од триумфите на 81 турнир изнесува над 120 милиони долари, но најголемиот дел од парите доаѓале од активностите надвор од терените за голф, од богатите спонзорски договори. Кога беше на врвот од кариерата, пред десетина и повеќе години, Вудс заработувал над 100 милиони долари годишно од реклами и од други комерцијални зделки. Иако долго време паузираше, во 2017-та, според „Форбс“, Вудс беше 16-от најплатен светски спортист со вкупна нето-заработка од над 740 милиони долари. Но откако на виделина излегоа низата скандали, повеќето спонзори ги раскинаа договорите со него.
Сепак, најголемиот деловен партнер „Најк“, со кого соработува од првите денови, од 1996-та, никогаш не го напушти. Во 2013 г., „Најк“ потпиша договор со Вудс вреден 200 милиони долари.
Вудс е навивач на Окланд рајдерс и на Лос Анџелес доџерс (американски фудбал) и е чест посетител на нивните натпревари. Но го сака и тенисот, пријател е со Рафаел Надал и на некои мечеви може да се забележи во неговата ложа на трибините.
Вудс има неколку огромни куќи и недвижнини вредни повеќе десетици милиони долари, авион од 55 милиони долари, голема јахта што чини 25 милиони, ресторан итн.