„Вудсток“ како митски музички настан

1010

Сотир Костов

Есејот посветен на 50 години од „Вудсток“ ќе го започнам во стилот на Драган Б. Костиќ, вечниот младич благодарение на музиката: „Со времето нема играчки – мислиш дека било вчера, а веќе поминале 50 години“. И навистина, поминаа 50 години од митскиот музички настан „Вудсток“. А за тоа време нештата од корен се измениле. Новите генерации забораваат на усилбите на претходните за да бидат нештата поинакви од дотогашните. За незаборавот и постојат јубилеите. Одвреме-навреме треба да се потсетуваме, како во оваа пригода, 50 години подоцна, за евентуално да се обидеме да создадеме нешто како позитивен миг на времето, каков што беше фестивалот „Вудсток“ во 1969 година, со намера и надеж дека тој ќе се споменува и во наредните 50 или 100 години. А сега, за миг да нурнеме низ историјата на рок-музиката и највеличествениот фестивал на кој се свиреше и живееше таа музика.
„Нашата програма е револуција со целосен напад на постојната култура… Нашата музика, нашата облека, нашите домови, начинот на кој говориме и се движиме, начинот на кој ни расте косата, начинот на кој пушиме и водиме љубов, јадеме и спиеме – сето тоа претставува една порака: слобода“. Во оваа епохална мисла на Џон Синклер, е содржана сета филозофија на 1960-тите, на рок-музиката, на хипиците, и секако на „Вудсток“ – 1969-та. Денес со гордост се потсетуваме на најзначајниот музички настан на минатиот век – „Вудсток“. Погодувате, станува збор за митскиот настан, кој го подели времето на она пред и на она по „Вудсток“. Во три деноноќија, од попладнето на 15 август, до раното утро на 18 август 1969 година, беше одржан овој најславен рок-фестивал. Никогаш ништо слично не се случи во историјата на човештвото. Времето покажа дека тоа беше и сѐ уште е фестивал дијамант за музика, уметност и контракултура.

На еден, дотогаш, сосема непознат ранч, во ридестите подрачја на американската сојузна држава Њујорк, еден, исто така, дотогаш непознат топоним стана вистински симбол на цело едно време. Како се случи тоа? Со многу музика, дрога во изобилство, фриволен секс на отворено, цвеќе и хипи-град, кој живееше само три дена. Три дена љубов, мир, слобода и заедништво. Ете, во овие непобитни факти се содржи иконичниот знак на една генерација и нејзиниот нов поглед на светот. Иако организацијата на „Вудсток“ имаше политичка заднина и економски интерес – да се заработи, сепак, на еден мистериозен начин, тој епски настан донесе нов поглед за култура, за уметност, за музика. Значи, зборуваме за најмасовниот музички марш во историјата. Тоа беше колона во која учествуваа повеќе од милион луѓе, а половина од нив целосно му се препуштија на идеалот за љубов, слобода, заедништво, еднаквост и мир. Другите ја предвидуваа пропаста на целиот проект. Тоа беше најмасовниот настан на светската младина, оптоварена со траумите од актуелната војна во Виетнам и со расните судири во земјата на ветената правда, еднаквост и сеопшт просперитет. Наедно, тоа беше и вистинската кулминација на хипи-епохата – епохата на слободоумната концепција за животот, воодушевена од утопијата за вечната младост, љубовта и мирот. И покрај овие величествени работи, тоа беше и почетокот на крајот на ерата на љубовта и царството на цвеќето. На почетокот се веруваше дека „Вудсток“ ќе ја означува конечната победа на начинот на размислување на хипиците и дека тоа од темел ќе го промени светот. Но повеќето учесници и симпатизери се уморија со текот на времето, вклопувајќи се во тековите, и покрај тоа што повеќето од нив останаа упорни борци против војната, поддржувачи на еднаквоста, скромноста и колективниот живот.

Како и да е, сонот беше барем делумно остварен. Зошто, само делумно? Затоа што со „Вудсток“ заврши приказната за социјалниот диносаурус, кој нудеше единствена и непроменлива слика за светот. Токму поради тоа „Вудсток“ стана значајна вододелница, мера на нештата, лексичка одредница за нештата, луѓето и состојбите. Изминативе 50 години покажаа дека „Вудсток“ покажа оти, музички, тој беше еден од најголемите, најсовршените, најорганизираните проекти што едноставно катапултира многубројни дотогаш непознати имиња. Но неговото значење не се исцрпува само со музичкото. Напротив. Не е помало и неговото социолошко, културолошко и историско значење. Затоа, некои го споредуваат со Рубикон, Ватерло, Герника… А тие, знаеме, се цивилизациски вредности.
Од „Вудсток“ директно во легендите заминаа голем број великани на модерната светска музика, а речиси и не постои човек, кој на овој или на оној начин е заинтересиран за рок-музиката, а да не знае за 32-та изведувачи што свиреа и пееја, додека децата на цвеќето се капеа во љубов, за разлика од блуткавите напори на моменталната светска престолнина на младоста. Некои од нив, можеби и оние најголемите, веќе не се помеѓу живите. Џенис Џоплин и Џими Хендрикс си заминаа први. Подоцна нѐ напуштија Џо Кокер и уште 25 музички уметници, учесници на овој фестивал. Од музичката сцена исчезнаа „Кантри Џо Мекдоналд“, а и „Слај енд д Фемили Стоун“. А се распаднаа и феноменалните „Криденс Клирватер Ривајвл“, џезерски настроените „Блод, свет енд тирс“ и уште многу други. Големата Џоан Баез како и величествениот Карлос Сантана, сè уште му се спротивставуваат на времето, а за потребата на човечкото да ја досегне вечноста, сведочат и легендарните „Д Ху“ – ајде, да чукнеме во дрво, да бидат живи и здрави уште многу години… Заслужуваат. Многу генерации почитувачи на рок-музиката и на овој единствен начин на размислување од занесната 1969-та ќе се сеќаваат на величествените денови, кои ѝ донесоа слава и ја исполнија со смисла понекогаш бесмислената, а дотогаш безимена американска провинција.