Време е да се објасни „либискиот модел“

154

Во администрацијата на САД отворено се зборува за спроведување на „либискиот модел“ во Северна Кореја. Пјонгјанг, пак, нагласува дека токму судбината на Гадафи го обесхрабрува да договара нуклеарно разоружување со САД. Либискиот лидер за разоружувањето беше „награден“ со егзекуција

Пол Р. Пилар

Потребно ќе биде повеќе време да се состави чудната приказна за американско-севернокорејскиот самит, кој постојано се закажува и се откажува. Претседателот на САД Доналд Трамп ја усложни целата ситуација кога во своето писмо го најави откажувањето на состанокот, прикажувајќи го тоа како севернокорејската страна да отстапила. Во своето писмо, Трамп ги спомена „страшниот бес и отвореното непријателство прикажано во нивната најнова изјава“. Дали треба да веруваме дека администрацијата навистина се изненади од непријателската реторика на Северна Кореја? Непријателската реторика долго време беше главен дел од извозната стратегија, покрај извозот на јаглен. Ким Јонг-ун дури и не го ни нарече Трамп „сенилен старец“, иако Трамп во неговото писмо повторно се фалеше колку неговата нуклеарна сила е поголема од онаа на Ким.

Администрацијата почна да преиспитува дали да продолжи со подготовките за состанокот поради големите неизвесности за тоа дали имаше некаква добра основа за постигнување значаен договор за нуклеарните прашања. Сепак, не е јасно во кој дел од приказната е вмешан Трамп, а во кој дел се други функционери од неговата администрација и колку тие воопшто размислуваат во иста насока. Една можна теорија зошто „либискиот модел“ првично го поведе Џон Болтон, кој е доволно паметен за да знае дека секаква сличност ќе ги налути Севернокорејците, е што ултраагресивниот политичар ја саботираше дипломатијата за да ги зголеми шансите за воен напад. Но тогаш потпретседателот Мајк Пенс сам се повика на Либија. Едно уверливо толкување на забелешката на Пенс е дека беше пресметана за да изнуди еден вид потсетување (од севернокорејскиот заменик-министер за надворешни работи), кое звучеше непријателски и доволно луто за да послужи за причина за откажување на состанокот за кој Трамп зажали што го прифати претходно.

Искуството со Либија навистина имаше голем удел во размислувањата на севернокорејските функционери, кои експлицитно го наведоа тоа искуство како обесхрабрувачко за постигнување секакви договори со САД за нуклеарно разоружување. Наградата за Моамер Гадафи, по преговорите за укинување на програмите за неконвенционални оружја, беше тоа што беше убиен и фрлен в ендек.
Сепак, постојат и други примери во кои либискиот модел помага да се објасни пропаѓањето на севернокорејската дипломатска иницијатива. Овој дел од објаснувањето опфаќа колку администрацијата на Трамп не го следи тој модел – добар дел од моделот, особено делот во кој Либија беше присилена да се откаже од програмите за неконвенционално оружје, но не и вториот дел за убивањето и фрлањето в ендек.
Приказната за Либија не е само за програмите за нуклеарни и други неконвенционални оружја. Поголем дел од вниманието од таа приказна беше насочено на тероризмот. Меѓународните санкции врз Либија, кои ги наметна Советот за безбедност на ОН, се поврзуваа со посебно барање, а тоа е предавање на судењето за двајца либиски владини службеници, кои го извршија бомбардирањето на летот 103 на авиокомпанијата „Пан ам“ во 1998 година, во кое загинаа 270 лица. Кога Гадафи ги предаде двајцата службеници, тој преку посредник им се обрати на САД дека сака да „преговара“. Предавањето на осомничените беше почетокот на она што либискиот лидер го окарактеризира како клучна пресвртница во неговите политики за кои се надеваше дека ќе му се стави крај на неговиот статус на отпадник.

Овој контакт доведе до почеток на преговорите меѓу САД и Либија во 1999 година за време на администрацијата на Џорџ Буш, кои тогаш внимателно се одржуваа, а подоцна беа јавно откриени. Ова беше почетокот на долгиот и внимателен процес во кој двете страни се обидуваа да ги разоткријат нивните вистински намери. САД требаше да одлучат дали Гадафи беше сериозен во намерата да сврти нов лист. Тие оценија дека неговата намера е вистинска. Во однос на тероризмот, либискиот режим, кој со години важеше за голем проблем сега можеше да биде решен. Режимот на Гадафи беше цел на дел од истите исламистички радикални групи, кои исто така предизвикуваа загриженост кај САД.
Зближувањето на либиско-американските односи продолжи со внимателен и умерен чекор. Проширувањето на агендата со програмите за оружје создаде нови компликации. По четиригодишни тешки преговори, САД (тогаш под водство на администрацијата на Џорџ В. Буш), Британија и Либија конечно постигнаа договор. Договорот постигна сè за што западните сили се надеваа во однос на отворањето на режимот на Гадафи и предавањето на нуклеарната и другите програми за неконвенционално оружје.

Таквата дипломатија успеа во голема мера затоа што беше целосно спротивна на пристапот на Трамп кон Северна Кореја. Либиската дипломатија опфаќаше внимателни подготовки и процени пред да се остварат секакви контакти или договори. Кога почнаа преговорите, процесот не можеше да продолжи напред без да се направат внимателни процени за намерите на другата страна и дали преговарачкиот процес ќе дозволеше постигнување договор. Најважната дипломатија се случуваше зад завесата, па дури и во голема тајност. Дипломатијата долго време се одржуваше за време на две американски администрации од двете партии.
Постојат неколку причини зошто иницијативата на Северна Кореја може да пропадне. Веќе постојниот арсенал на нуклеарни оружја во Северна Кореја претставува поголем предизвик од почетната нуклеарна програма на Гадафи. Но најголемата причина за неуспех е како Трамп се справи со проблемот, а тоа е импулсивно и еднострано без соодветна процена и подготовки и очигледно без добропоставена идеја за тоа каков договор е изводлив. Тој му пристапува на проблемот на начин со кој нема тивко да се подобри меѓународната безбедност туку за да се направи шоу за јавноста со тоа како тој наводно подобро знае да склучува договори од неговите претходници додека остро ги критикува нивните постигнувања, ги збунува неговите важни сојузници и го нарушува кредибилитетот на САД во процесот.

Пилар е уредник на „Нешнел интерест“ и автор на книгата „Зошто Америка не го разбира светот“

Ким не сака да заврши како Гадафи
и затоа не се откажува од нуклеарното оружје, посочува дел од аналитичарите