Врвни дизајнери и креативци доаѓаат во мај во Скопје

2953

Меѓу нив се: Геерт де Таје од Белгија, креативен и мултинасочен фотограф што прави фотографии за компании како „Сачи енд Сачи“, „Ериксон“, „Тојота“, „Фолксваген“; Тамара Николиќ Ѓериќ, кураторка на Етнографскиот музеј на Истра; брачната двојка архитекти Билјана и Братислав Бранковиќ од Србија; Ралф Ѓони, кој работи во областа на комуникациите повеќе од 18 години и неговото искуство се протега низ Велика Британија, САД и Балканот; Иван Бркљач од Србија, фриленсер и претприемач и проектен менаџер на „Мокринска куќа“ – познато место за фриленсери, дигитални номади и сите оние што сакаат да работат надвор од големите градови

Фестивалот за креативни индустрии „Скопје креатива 2018“, кој ќе се одржи во мај во МКЦ, и оваа година ќе ја оправда улогата на проект што нуди поинаква приказна, а освен што ги поддржува и промовира македонските креативци, на секое издание носи звучни имиња од странство од областа на креативните индустрии. Така, и овој пат на фестивалот од 11 до 13 мај доаѓаат ексклузивни гости од повеќе творечки области, кои ќе одржат работилници и предавања во рамките на програмата.
Меѓу нив е Геерт де Таје од Белгија, креативен и мултинасочен фотограф што прави фотографии за адвертајзинг-кампањи, портрети, пејзажи… Оваа разноликост е многу важна за работата на еден млад фотограф. Неговиот пристап кон фотографијата е паметен и специфичен: тој фотографира но и го реаранжира она што го гледа, реизмислувајќи ја реалноста и манипулирајќи со она што го наоѓа во одреден момент. Ги комбинира различните беспрекорни техники со силата на вербата, иронијата и емпатијата. Вистината не е секогаш очигледна и неговата работа никогаш не ја брка да ја дофати.

– Како и многу други работи во животот, фотографијата е поврзана со атмосферата, емоцијата, посебните моменти. Она што ме фасцинира кога ги правам фотографиите е тоа како сум стигнал таму: патувањето, приказната зад тоа, изборот што сум го направил одбирајќи локација, светло, луѓето со кои работам во тимот. Сето тоа доаѓа заедно во еден миг, посебен миг – вели белгискиот фотограф.
Работел за компании како „Сачи енд Сачи“, „Еар“, „Лео Бурнет“, „Хавас“, „Ериксон“, „Флексус“… и за брендови како „Тојота“, „Фолксваген“, „Харли Дејвидсон“, „Киа“, МТВ“, „Керфур“…

Во Скопје предавање ќе одржи и Тамара Николиќ Ѓериќ од Хрватска, која завршила етнологија/културна антропологија и индологија. Од 2008 година работи како кураторка во Етнографскиот музеј на Истра. Покрај музејските активности, таа го основа и сѐ уште го води првиот фестивал на етнографски филм во Хрватска „Етнофилм“. Од 2014 година соработува како професионален програмски менаџер со „Екомусеум Батана“ и асоцијацијата „Фаро11“, посветени на промоција на креативните индустрии во Истра.

„Мокринска куќа“ – место за фриленсери – вистински пример на успешен бренд

Докторира на загрепскиот универзитет на тема „Жените и индустријата – приватната и јавната сфера на жените во Ровињ“. Таа е авторка на стручни текстови што се занимаваат со музеологија, етнологија, антропологија, економија. Нејзиниот интерес е насочен на феминистичките студии, визуелната и економска антропологија, културниот менаџмент и музеологијата.
– Доаѓам на „Скопје креатива“ да го споделам моето искуство од работата на важен проект во промовирањето на креативните индустрии во мојот роден град и во регионот на Истра. Сѐ почна спонтано помеѓу грипа креативни пријатели. Основавме невладина организација и веќе речиси четири години работиме на имплементација на првиот заеднички простор во нашиот регион, посветен исклучиво на развој на креативните индустрии. Исто така, од самиот почеток се фокусиравме на градење мрежа на луѓе затоа што веруваме дека физичкиот простор не е клучен, туку се работи за создавање „простори“ каде што луѓето ќе се чувствуваат слободно да се изразат и да создаваат. Тоа може да биде дигитален простор, соба за состаноци или нашата заедничка градина, ако ме прашувате мене – вели Тамара.

Интересна работилница во Скопје ќе одржат и Билјана и Братислав Бранковиќ од Србија, брачна двојка, кои заедно студирале архитектура. Кога во 2007 година дипломирале заедно дошле до иновативната идеја – архитектура за деца што им овозможува игра и развивање на апстрактното и просторното размислување. Идејата се родила додека и двајцата биле ангажирани како соработници во наставата на Архитектонскиот факултет во Белград и добиле понуда да смислат креативна работилница за деца. Полека почнале да смислуваат голем број прототипи и алатки за работа со деца и набргу сфатиле дека имаат доволно материјали за да креираат производ. Првиот производ го произвеле во 2012 година, архипатерн – сет од шаблони за цртање, а веќе пристигнувале и првите нарачки за сетот. Комерцијализацијата започнала од 2014 година, а побарувачката за овие креативни производи оттогаш значително се зголемила.

Во 2012 година ја основаат „Процес“ – независна организација што се занимава со едукација на деца и млади за просторот, архитектурата и одржливиот развој. Околу себе собираат професионалци од сферата на архитектурата, уметноста, педагогијата и културата.
Гостин на „Скопје креатива“ ќе биде и Ралф Ѓони од Албанија, основач на „Футур“, со седиште во Тирана, која работи на пазарот на Албанија, Македонија, Косово и Црна Гора. Дипломирал на Кралскиот колеџ во Лондон, а работел во Велика Британија неколку години. Работи како пиар и во областа на комуникациите повеќе од 18 години и неговото искуство се протега низ Велика Британија, САД и Балканот, а најмногу во Албанија во последниве осум години. Работел и во приватниот сектор и за Владата, две сфери што се силно поврзани. За време на неговата работа во Лондон за позната глобална пиар-фирма претставувал неколку земји и работел со нивните влади за промоција на нивниот развој и агенда на инвестиции. За време на неговиот ангажман за албанската влада во последниве години бил инволвиран во неколку промотивни проекти за Владата и исто така за градот Тирана. Во моментов неговата компанија „Футур паблик афеарс“ работи на развивање промотивни и пиар-кампањи низ Балканот.

Еден од највпечатливите гости ќе биде Иван Бркљач од Србија, кој во Мокрин, село во општината Кикинда во севернобанатскиот округ, во кој живеат помалку од 5,000 жители, ја реализира таканаречената „Мокринска куќа“. Тој е фриленсер и претприемач, како и проектен менаџер на „Мокринска куќа“ – место за фриленсери, дигитални номади и сите оние што сакаат да работат надвор од големите градови. Концептот е замислен како престој во рурална средина, која притоа го овозможува целиот комфор на урбаниот живот. Идејата е враќање кон природата и воспоставување баланс така што ќе се излезе од рутинскиот живот, што ја зголемува продуктивноста повеќекратно. Имотот има пет објекти, а секој е со своја намена, за јадење, спиење, одмор, работа, за презентации. Тука може да се остане од два дена до години. Најчести гости се луѓе од ИТ-индустријата, како и дизајнери, но и поголеми компании, кои тука ги испраќаат своите креативци на неколку дена за да работат на нови идеи и кампањи.
Поле на интерес му е и екологијата, како еколошки активист Иван Бркљач во 2016 година, згрозен од поплавите, создаде и модна линија на алки за рака „арбо проект“, со чие купување луѓето може да учествуваат во засадување дрвја во најзагрозените подрачја, но осмисли и начин секој да знае каде е засадено неговото дрво.