Врачени наградите на 11-от младински пролетен салон

43

Во мултимедијалниот простор на „Мала станица“ во тек е 11-от младински пролетен салон под наслов „Лајк“. Темата оваа година е инспирирана од постојаната поставка во „Даутпашин амам“. Овој проект и темата на истиот тој е во рамките на одбележувањето 70 години постоење на Националната галерија на Македонија. Комисијата во состав: Елена Иванова, кустоска, Александра Зиновски Вилиќ, кустоска и Александар Тодоровски, документарист од одделението за депо во НГМ, ги доделија следниве признанија: прво место за Теодор Златевски за делото инспирирано од авторот Иван Велков, второ место за Георгина Спасовска за делото според Томо Шијак и трето место за Клара Васиќ за дело според Никола Мартиновски.

Сите три награди им се доделени на ученици од СУГС „Кочо Рацин“, Скопје со што тие претставуваат севкупни победници во категорија на средни училишта. Најдобро студентско дело ѝ е доделено на Емилија Србаковска, студентка при Европски универзитет за делото работено според творештвото на авторот Душан Перчинков. Едрин Идризаи, студент на Балканскиот универзитет, е награден за најдобар плакат. Овие две награди се во категоријата студенти.
Покрај доделените награди беа доделени традиционалните признанија за колекцијата на Марија Пеева од СУГС „Р.Ј. Корчагин“ и за најуспешен ликовен педагог на професорот Сашо Саздовски од СУГС „Р.Ј. Корчагин“. На добитниците им беа врачени дипломи и награди и добија можност за посетување курс по цртање 2018/2019 во организација на едукативниот сектор на Националната галерија на Македонија.