Вратете го едноумието, ни треба барем еден ум!

1979

Наместо еден државен тоталитаризам, ние сме на пат да создадеме повеќе коегзистентни партиски тоталитаризми, кои се типичен пример за соживот во зоологијата: се напаѓаат само кога се избори, а потоа не само што не се напаѓаат туку на некој начин премолчено и се штитат

Има многу анегдоти за покојниот книжевен гениј Петре М. Андреевски. Една од нив говори за неговиот прием во Комунистичката партија. Имено, Петре требало, поради своите способности, да дојде на местото уредник во тогашната телевизија, ама постоел услов за тоа унапредување: да биде, се разбира, член на партијата. Значи, не е од вчера тоа со партиската припадност и вработувањето; разликата е во тоа што тогаш не се вработуваше, туку се (у)напредуваше по партиски клуч. Имаше само една партија, која преку етикетата „морално политички подобен“ решаваше кој ќе дојде на повисоки места. Ние го заостривме партискиот критериум: тој важи и за прво вработување на портир. Како и да е, Петре, кој дотогаш не сакал да биде член, поттикнат од неговиот тогашен генерален директор, негов колега по перо, Матеја Матевски, седнал и почнал да го пополнува формуларот. Го убедиле некако да не се противи. А сигурно му требале и пари, повисока плата. Го пополнил делот со генералии: име, презиме, место на раѓање, професионална биографија, а кога дошол до последната графа, на која стоело прашањето „Зошто ДОСЕГА не сте станале член на КПМ?“, Петре добил инспирација, па се распишал. Навел еден подолг список причини, отворено кажувајќи што сè му лежи на душа и што го оддалечувало од другарите во партијата. Напишал: затоа што крадете, лажете, затоа што се откажавте од Егејска Македонија, затоа што праќавте луѓе на Голи Оток… По петнаесет минути, формуларот бил на масата на директорот Матевски, кој решил да го провери пред да го даде во партијата. Откако го прочитал формуларот, го повикал Петрета и со коса крената од ужас, му рекол: „Добро бре, Петре, ти пишуваш молба да те примат, или да те исклучат од партијата?“ Па, потоа го седнал, му дал нов формулар и му рекол во графата со спорното прашање да напише само: „Поради моја лична незаинтересираност и неодговорност“. И така, Петре станал морално политички подобен, станал член на партијата и добил уредничко место со повисока плата. И најважно: анегдотата се проширила и до највисоките врвови на КПМ, каде што челниците се смееле; НО НИКОЈ не му наштетил на Петрета поради тоа.

Анегдотава е поучна: таа е макета за биполарноста на „едноумието“, термин што особено денес, и особено од помладите луѓе (родени по падот на комунизмот, односно – социјализмот), луѓе убедени дека живеат во демократски режим, се користи само со негативна конотација. Прво, во тоа едноумие, луѓето беа многу поблиски и посолидарни (Матеја, како книжевен конкурент, го спасува Петре да не настрада од партијата). Второ, бидејќи имаше само една партија, луѓето точно знаеја што не смеат да кажат: не смееја да лаат против Тито и Јованка, против КП, и тоа е сè: безбеден си. Не стравуваа дека за некоја година ќе се „смени власта“ и дека ќе останат без работно место. На некој начин, иако сите се колнеа во таа партија со стисната тупаница на слепоочницата, некако илегално ја доживуваа и како своја потенцијална опасност, па се предупредуваа едни со други и се штитеа да „не изгорат идеолошки“. Дури и полициски службеници предупредуваа свои пријатели-интелектуалци кога „ќе претераат“, па ги советуваа „да молкнат“. Лично сум бил сведок на тоа, во бифето на тогашниот Филолошки факултет.

Второ, кога се жигосува едноумието, треба да се има предвид дека од него има и нешто полошо: безумието. Од диктатура (која, како и демократијата, е СИСТЕМ), полошо е само отсуството на ум. Безумието, за жал, многу често, а особено во балканскиве држави, се сфаќа како демократија. Безумието е едноставно, неспособност за разумно мислење и нема никаква врска со демократски поредок, иако може често да има врска со прикриена диктатура. Прашајте се: ако денес би сте напишале таков отровен список на жестоки обвинувања до една партија (а притоа барате прием во неа или вработување), како би сте си поминале. Тешко дека највисоките врвови на партијата слатко би се смееле, дека самите би ја ширеле анегдотата, а камоли да ве примат за член и да ви дадат (повисоко) работно место!
Мене ми се чини дека ние заменивме едно едноумие (една партија) со две, три, четири, повеќе едноумија (партии), и тие повеќе едноумија ги доживуваме како ПОЛИУМИЕ, односно ДЕМОКРАТИЈА. Наместо еден државен тоталитаризам, ние сме на пат да создадеме повеќе коегзистентни партиски тоталитаризми, кои се типичен пример за соживот во зоологијата: се напаѓаат само кога се избори, а потоа не само што не се напаѓаат туку на некој начин премолчено и се штитат. Тоа го прават и животните во еден биотоп: имаат совршена поделба на територијата на „мое“ и „твое“ и заеднички го штитат биотопот кога нему му се заканува опасност од „натрапници“ што би сакале да ја преземат власта во биотопот.

Конечно, во тоа едноумие имаше и уште една вредност, која ја нема во денешново „полиумие“. Бидејќи имаше само една партија, сето незадоволство и гнев, природно, беа насочени кон неа. Критиката на таа една партија се доживуваше како „субверзивно мислење“ и „поткопување на државата“. Денес, ако критикувате една партија, веднаш, автоматски и по дефиниција ве сметаат за припадник на соперничката партија, дури и да немате партиска книшка. Не можете да упатите критика како „непартиски припадник“ или независен човек што мисли. Со други зборови, нема да ве обвинат дека ја поткопувате државата, туку само нивната партија. Како да е таа држава.

И уште нешто, не помалку важно: тоа едноумие, сакало-нејќело, не можеше да ги прескокне вредностите, без разлика дали се членови на партијата или не. Примерот со Петре најдобро го покажува тоа: иако непартиец, а подоцна „критички расположен партиец“, тој беше еден од првите што беа печатени во југословенската библиотека „Хит“, со неговиот „Пиреј“ (и тоа со „националистичка тема“), на српско-хрватски, под наслов „Пирика“. Денес можеш и да си Моцарт, но ако не си партиец, ќе те сметаат за никој и ништо. Партиската припадност е вредносен критериум, не способностите и талентот на човекот. Тоа остава погубни последици, особено во најчувствителните имунолошки системи на една држава: образованието и уметноста. На пример, зошто власта, а не артистичкиот еснаф именува директори на театри? Така, се менуваат според партиски клуч, дури и кога се најспособни, по принципот пар-непар: кога се на власт едните, тие поставуваат директор; кога се другите, поставуваат тие. Со тоа ги делат артистите. Кога постоеше една партија, сите беа нејзини членови, така што способните беа на едно место, не во два табора, и секогаш се ставаше квалитетна личност за директор. На тоа се должат и легендарните успеси на македонскиот театар во некогашна СФРЈ. Така што, и на планот на ценењето на вредностите на личноста, едноумието не е баш „сатана“ наспроти ангелот на демократијата.

Кога сето ова ќе се сумира, останува човек да се праша: што сме се возгордеале ние толку со таа наша денешна „демократија“, кога таа е еднакво нехумана, ако не е и понехумана од претходните наши искуства со тоталитаризмот? Гротескно изгледа, ама на човека му доаѓа да викне: вратете го едноумието, тогаш барем се размислуваше, и тоа субверзивно. Ни треба малку реализам во мислењето, зашто ништо на светот не е ни црно ни бело, иако оваа демократија инсистира на таков мелодрамски пристап кон светот (добар наспроти лош). Толку.