Во урбаните средини се вакцинирани околу 50 отсто од кучињата

90

Сопственици да бидат одговорни и да ги вакцинираат своите домашни миленици затоа што трошоците за вакцинација се многу помали од трошоците за лекување на заразните болести, вели ветеринарот Димче Димитриевски

Вакцинацијата претставува ефективен метод за заштита од појава на болести. Многу е важно да се почитува распоредот на вакцинација, кој го спроведува доктор по ветеринарна медицина.
Според ветеринарите, покрај спроведената вакцинација, треба да се внимава на правилна исхрана кај вашите миленици и да се поттикне имунолошкиот систем со доволен внес на витамини и минерали, редовна физичка активност и одржување на хигиената на миленикот и на околината во која живее.

– Превенцијата на болести преку вакцинација ја штити важната врска што ја имаме ние со нашите домашни миленичиња. Разговарајте со вашиот ветеринар уште денеска, за да се осигурите дека вашите миленици ќе ја добијат заштитата што ја заслужуваат – велат ветеринарите.

Доктор Димче Димитриевски (ДВМ) од Ветеринарната станица – Велес вели дека само околу 50 отсто од сопствениците на кучиња во урбаните средини практикуваат превентивна вакцинација против заразни болести, додека во руралните средини процентот е значително помал. А околу 60-70 отсто од вакцинираните кучиња доаѓаат на ревакцина. Проблемот е поголем кај мачките чии сопственици многу ретко ги вакцинираат, главно поради неинформираност.

– Исто така, сопствениците на домашни миленици ретко ја почитуваат законската обврска по годишна наредба за заштита на животните од заразни и паразитски болести, според која јасно е наведено дека кучињата и мачките секоја година задолжително се вакцинираат против беснило.

Причина за ова поретко се финансиските средства, а почесто заборавеноста и неодговорноста на самите сопственици. Сепак, некои сопствениците практикуваат годишна ревакцинација за беснило, но со одредено задоцнување, што повторно не е во ред – вели Димитриевски.

Тој апелира до сите сопственици да бидат одговорни и да ги вакцинираат своите домашни миленици, затоа што трошоците за вакцинација се многу помали од трошоците за лекување на заразните болести, каде што исходот е непредвидлив, а истовремено се заштитуваат и самите себеси, бидејќи некои од овие болести се пренесуваат и од животните на луѓето (зоонози).