Во спомен на Жабарот

924
Музичко трио, од лево на десно, Ангеле (гитара), Жабарот (дајре) и Тефо (прим)

Помалку е познато дека Жабарот има стигнато и до УНЕСКО, вистинското УНЕСКО, со седиште во Париз. При прославата на шеесетгодишнината на оваа организација, Жабарот послужувал македонски јадења и производи, вина, сирења, кашкавали…

Деновиве почина Илија Саздовски-Жабарот, една од легендите на Скопје. Замина човекот што толку автентично знаеше да ги почувствува душата и срцето на градот, да го почувствува пулсот на она што го нарекуваме урбано живеење. И не само да ги почувствува туку на свој особен начин и да ги креира. Имаше во него многу енергија, многу љубов и сила, и никогаш не се жалеше себеси кога требаше да направи нешто за Скопје и за скопјани. Со Жабарот соработувавме долги години, искажувајќи постојно заемна почит. Разменувавме мислења, се раѓаа некои нови идеи, кои требаше заеднички да ги реализираме. Состаноците ги закажуваме во неговата кафеана, на кои доаѓаа и други луѓе, вљубеници во градот. Последен пат се видовме пред околу еден месец. Иако беше болен, повторно разговаравме за заедничката идеја, која тој многу порано ја предложи – да реализираме една исклучителна телевизиска емисија, еден вид „Скопје шоу“, која заеднички би ја конципирале и двајцата би биле нејзини водители. Со многу гости и ексклузивен видеоматеријал. Искрено се радувавме на таа идеја. За жал, не стигнавме да ја реализираме. Жабарот беше можеби еден од последните автентични скопски боеми, а со него замина и еден голем дел од историјата на старо Скопје. Многу луѓе доаѓаа во неговата кафеана за да ги почувствуваат токму таа историја и тој дух на боемството.

Жабарот останува скопска легенда. Неговото кафеанче покрај Вардар е мало, ама славно. Поради најдобрата скара, поради специјалитетот жабји батаци и специфичната кафеанска атмосфера, со скопски шмек. Како накратко да се опише кафеаната? Постојани гости, од постарите, но и од помладите генерации. Анегдоти, вицеви, боцкања, духовити зајадувања. Се случувало некој од поранешните дипломати, редовни гости, да се качи и да игра на маса. А како да не играш кога срцето ти го разигрува музиката на Живко Дуев и Ванчо, кои веќе 17 години музицираа тука. „Доаѓале кај мене многу амбасадори“, ми раскажуваше пред повеќе години Жабарот, „со сите сум бил пријател. Некои од нив, австрискиот Харолд Кочи или американскиот Лоренс Батлер, и денес кога се во Скопје, ме посетуваат“. Има безброј анегдоти поврзани со познатите личности. Еден дипломат кога бил во Охрид го прашале што ќе порача за јадење: „Плескавица а ла Жабар“, одговорил. Познатата француска новинарка Домени Беруш со арапско потекло (поради убавината во кафеаната ја нарекувале Црната Венера), јадела огромно количество лути пиперки. „И ние Македонците јадеме луто“, велеше со чудење Жабарот, „ама ова беше нешто невидено“. Што да се прави – луѓе, навики, обичаи. И тоа беше дел од атмосферата кај Жабарот.

Шмекот во кафеаната го чинат главно постојаните гости – Лавот, Бабуш, Гуде, Боре, Златко… Не можат ниту да се набројат сите. Миќо Евреинот имал обичај на шега да му каже на својот пријател Лабуд, кога ќе се најделе во центарот на градот: „Ајде да си одиме дома“. „Каде?“ „Кај Жабарот.“ А сѐ започнало во 1954 г. Тогашната мала барака покрај Вардар ја градела војската за свои потреби. Илија Саздов (Жабарот), род. во 1951 г., и неговиот брат Васе тука пред земјотресот, од рана возраст, продаваа лимонада. Тоа го правеа и на секој натпревар на стадионот. Но времињата се менуваа, од лимонада и оранжада мораше да се премине на помодерни пијалаци: „кока-кола“ и „кокта“. Дуќанчето постојано се реновираше, за во 1980 г. да прерасне во кафеана од цврста градба. „Ние живеевме во куќа блиску до кафеаната“, ми ја раскажуваше Жабарот тогаш својата историја, „тоа беше славно маало, тука живееја и семејствата Јаневи, Галиќ, д-р Робев, Хаџиманов, Тупурковски, Стојан Касапот, Венко Марковски, Лечиќ, Поленак, Ксенте Богоев, Љупчо Конзулот… Кај мене доаѓаа и многу славни личности од уметноста и естрадата, Тодорче Николовски, Шишков, Ненад Стојановски, доаѓаа и Борис Трајанов, Владо Светиев…

Познатиот Тефо музицирал во кафеаната долги години. Првото музичко трио го сочинувале: Ангеле на гитара, Тефо на прим и кој друг ако не Жабарот – на дајре. Тогаш кафеаната имала само три маси со по три стола. Кога музиката им пречела на комшиите, се симнувале долу, покрај Вардар.
Во 1992 г. Жабарот влегува во одборот на бадникарите и таму дава свој придонес. Своевремено го прашав Жабарот од каде му е прекарот. Тој ми одговори со насмевка: „А каков прекар може да има дете израснато покрај река? Постојано бев во Вардар, се капев, а мајка ми викаше пред цело маало: `Излегувај од водата, жабо една`. Потоа дојдоа батаците, и така настана прекарот“. Помалку е познато дека Жабарот има стигнато и до УНЕСКО, вистинското УНЕСКО, со седиште во Париз. При прославата на шеесетгодишнината на оваа организација, Жабарот послужувал македонски јадења и производи, вина, сирења, кашкавали. Но, тој е и страстен риболовец, бил каратист, крводарител, а има добиено и специјално признание, уметничка слика, за најдобар мотиватор во дарувањето крв. Жабарот – една од најавтентичните скопски легенди.

Илија Саздовски-Жабарот (лево) и Данило Коцевски, авторот на скопски легенди (десно)