Во скопското ООУ „Блаже Конески“ одбележен Денот на мајчиниот јазик

218

Иднината е во нашите деца и ученици, тие треба да го продолжат патот на нашите дедовци и прадедовци, да го негуваат и зачуваат македонскиот јазик, рече Клисарова пред своите ученици и поканетите гости

Во ООУ „Блаже Конески“ од општината Аеродром минатата недела се одржа традиционалната средба на ученици, професори и еминентни гости, професорите Васил Тоциноски, Славка Арсова и Вера Стојчевска-Антиќ – за заедно да го одбележат Денот на мајчиниот јазик.
Тие го истакнаа значењето на примената на македонскиот литературен јазик во секоја област од живеењето и за придонесот што го даде академик Блаже Конески.

Професорката Вера Стојчевска-Антиќ ја промовираше својата втора книга посветена на Конески. Говореше за посветеноста на академикот во развивањето, чувањето и бранењето на македонскиот јазик од сите надворешни влијанија.

На присутните, како домаќин на средбата, им се обрати и професорката по одделенска настава Јадранка Клисарова, која зборуваше за негување на македонскиот јазик и надвор од границите на Македонија. Таа ги презентира првите учебници што се применуваат во Србија во места каде што живеат Македонци. Автори на учебниците за прво, второ и трето одделение „Македонски јазик со елементи на национална култура“ се Јован Радевски, м-р Блага Панева и Јадранка Клисарова.

– Иднината е во нашите деца и ученици, тие треба да го продолжат патот на нашите дедовци и прадедовци, да го негуваат и зачуваат македонскиот јазик – рече Клисарова пред своите ученици и поканетите гости.

На средбата беа присутни ученици и ментори од ООУ „Александар Македонски“, ООУ „Димитар Македонски“, ООУ „Ѓоргија Пулевски“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Блаже Конески“. Учениците твореа на тема „Македонскиот јазик, јазикот на нашиот дедо и прадедо“ и настапија со свои творби пишувани во поезија и проза.

– Денеска го одбележивме Денот на мајчиниот јазик, затоа што мајчиниот јазик е најголемото културно наследство. Треба да продолжиме да ја развиваме свеста кај младите генерации за негово зачувување. Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, зборува и твори на македонски јазик, јазикот на нашиот дедо и прадедо – рече на крајот на средбата професорката по македонски јазик Марија Костовска.