Во Нови Пазар се славеше со „санџачка република“

220

Според резултатите во Националниот совет на бошњачката национална заедница, листата „Самоопределување“ ќе има 15 советници, „Матица бошњачка“
13, а „Вакат је“ седум претставници

Носителот на листата „Самоопределување“, Сулејман Угљанин, победата на изборите за националниот совет на Бошњаците ја прослави во Нови Пазар, а на собирот на граѓаните беше извикувана паролата „санџачка република“.

Прогласувајќи ја победата, Угљанин пред своите симпатизери и гласачи изјави дека Бошњаците сѐ уште не го решиле својот статус, и нагласи дека српскиот претседател Александар Вучиќ е поразен во Нови Пазар. Насобраните граѓани неколкупати го прекинуваа неговото обраќање и извикуваа: „санџачка република“, „да живее санџачкото знаме“, а беа упатени и навреди на адреса на претседателот на Србија.

Угљанин последните избори за Националниот совет ги нарече најзначајни за Бошњаците од распаѓањето на поранешна СФРЈ, бидејќи тие во Србија имаат многу нерешени прашања и голем број проблеми.

Претседателот на Социјалдемократската партија на Србија Расим Љајиќ, кој е во коалиција со владејачката Српска напредна партија, изјави дека изборите за Националниот совет на бошњачката заедница се реални и очекувани. Тој рече дека очекувал подобри резултати на независната листа „Вакат је – проф. д-р Саит Качапор“.

– Сметаме дека оваа листа според составот на кандидатите е убедливо најдобра и најквалитетна листа, која во текот на кампањата единствено говореше за тоа што е во надлежност на националниот совет, а додека другите листи испраќаа пораки за големи национални, верски и политички теми, па и за асфалтирање улици – изјави Љајиќ.

Според резултатите во Националниот совет на бошњачката национална заедница, листата „Самоопределување“ ќе има 15 советници, „Матица бошњачка“ 13, а „Вакат је“ седум претставници. Националните совети се грижат за почитување на културните, образовните и другите права и интереси на националните малцинства.

Љајиќ наведе две причини за ваквите изборни резултати. Првата се однесува на тоа дека СДПС, која е најјака партија во Санџак и посебно во Нови Пазар, не успеа да ги пренасочи гласовите кон независната листа „Вакат је“. Втората причина е што овие избори се претвориле за тоа кој е поголем или помал Бошњак, односно кој е за една, а кој за друга исламска заедница.

– Кога ваквите дилеми ги поставите пред избирачите, попусто е на луѓето да им зборувате за култура, информирање и образование, што практично се и надлежности на националните совети, бидејќи на таков национален и верски терен исклучиво одлучуваат емоциите – вели Љајиќ.

Заштитникот на граѓаните Зоран Пашалиќ, за РТС, изјави дека е добро тоа што одзивот на изборите за советите на националните малцинства е поголема од пред четири години. Со поголемиот одзив расте довербата кон националните совети, затоа што малцинствата учествуваат со 13 отсто од населението во Србија.

– Тоа што треба да се нагласи дека овие избори немаат допирни точки со политичките избори. Нивната работа е грижата за употребата на јазиците и писмата, затоа што има најголем број забелешки од оваа област. Потоа за одредени проблеми во областа на културата, образованието и информирањето – вели Пашалиќ.

Тој додаде дека со дејствувањето на Националниот совет на Србија, земјата може да се пофали дека има најдобро уредени односи меѓу националните малцинства за разлика од некои европски држави.


Досегашниот претседател победи за избор на МНС

На завчерашните избори во Србија за националните совети на националните малцинства, во изборите за новиот состав на Македонскиот национален совет (МНС), апсолутна победа оствари актуелниот претседател на советот, Борче Величковски, со неговата листа. Беа избрани вкупно 23 члена на МНС.
Но регионалната телевизија Н1 претходно објави дека 17 електори, од вкупно 79 верификувани електори за овој совет, го напуштиле гласањето за МНС поради, како што наведуваат, мешање на политиката во изборниот процес.
Стефан Трајковски, еден од електорите, за Н1 изјави дека се решиле на бојкот откако еден од нив не се појавил на гласање, бидејќи добил „закани и уцени“.
– Целиот изборен процес е политизиран и ние не сакаме да учествуваме во тоа. Новото раководство не ги застапува интересите на македонското национално малцинство, туку само на партијата што „разведрува и наоблачува“ во Србија, односно Српската напредна партија – рече Трајковски, кој ја повика и македонската влада да не ги признае резултатите на изборите и да не му дава легитимитет на новоизбраното раководство – објави Мета.

Изборите ги спроведе Републичката изборна комисија, која соопшти дека не добила ниту еден приговор или забелешка за изборниот процес, кој беше набљудуван од претставници на ОБСЕ и на ЕУ.