Во Купот на Македонија реприза на ланското финале

516

Во 1998 и 1999 година Вардар и Слога Ј. играа во финалињата на Купот на Македонија, а сега во мај, како и минатата година, во мечот за трофејот ќе се сретнат Пелистер и Шкендија

Вторпат во историјата на фудбалскиот Куп на Македонија два исти тима две години едноподруго ќе играат во финалето. Во 26-от меч за трофејот на 9 мај треба да се сретнат актуелниот победник Пелистер и ланскиот финалист Шкендија. Во полуфиналето, Пелистер на пенали ја совлада Академија Пандев (двата меча завршија со по 2-1 за секој од тимовите), а Шкендија ја победи Ренова со 2-0, а вкупно со 3-1. Така, како и минатата година, во финалето ќе се сретнат Пелистер и Шкендија.

За двата тима ова ќе биде петто финале. Од досегашните четири, Пелистер има две победи (над Слога Југомагнат во 2001 година и над Шкендија во 2017 година), а Шкендија една (над Работнички во 2016 година). Првпат финале на исти противници две години во низа се случи во 1998 и во 1999 година, кога играа Вардар и Слога Југомагнат (во двете финалиња победи Вардар). За Шкендија ова ќе биде трето финале во низа, а таква серија имаше и Работнички од 2008 до 2010 година и уште еднаш од 2014 до 2016 година (во двете серии дебармаалци имаа по два триумфа). Рекордер според бројот на финалиња по ред е Слога Југомагнат со шест, од 1996 до 2001 година.