Војната против тероризмот досега однесе над 500.000 животи

67

Повеќето од директните цивилни жртви во Авганистан, Пакистан, Ирак и во Сирија се предизвикани од милитантните и џихадистички групи, но и во операциите на САД и нивните сојузници се убиени голем број цивили. Па, така, од почетокот на американската воздушна операција во Сирија, во 2014 година, се убиени најмалку 6.575 цивили, додека, пак, во руските напади се убиени помеѓу 12.000 и 19.000 цивили

Во војната против тероризмот на САД во Ирак, Авганистан и во Пакистан досега се убиени над 500.000 лица. Билансот на директните смртни случаи предизвикани од военото насилство не ги вклучува повеќето од половина милион лица убиени во војната во Сирија, на која САД ѝ се приклучија во август 2014 година, покажуваат резултатите од најновите истражувања.
Војните и натаму траат, иако тие во изминатите години се со намален интензитет, но, сепак, лани во Авганистан е регистриран рекорден број убиени цивили од почетокот на борбата против тероризмот во 2001 година. Сепак, како што се наведува во истражувањето на „Браун јуниверзити“, станува збор за нецелосна бројка на убиени, бидејќи тешко е да се следат и да се идентификуваат сите жртви. Па, така, повеќе десетици илјади цивили најверојатно ги загубија животите при протерувањето на Исламската држава од Мосул и други градови, но нивните тела сѐ уште не се откриени. Покрај тоа, во оваа бројка не се вклучени случаите на индиректна смрт. Станува збор за смртни случаи што се резултат на индиректните последици од военото уништување, како на пример недостигот од храна, вода, здравствена нега, струја или друга инфраструктура.

Повеќето од директните цивилни жртви во Авганистан, Пакистан, Ирак и во Сирија се предизвикани од милитантните и џихадистички групи, но и во операциите на САД и нивните сојузници се убиени голем број цивили. Па, така, од почетокот на американската воздушна операција во Сирија, во 2014 година, се убиени најмалку 6.575 цивили, додека, пак, во руските напади се убиени помеѓу 12.000 и 19.000 цивили.

Кога станува бројот за бројот на американски жртви, истражувањето покажува дека речиси 7.000 американски војници и морнари се убиени во војните по терористичките напади на САД од 11 септември. Бројот на убиени американски војници се намалува со текот на годините, иако тоа во најголем дел се должи на фактот дека сојузниците на САД презедоа поголем дел од копнените операции во Ирак, Сирија и во Авганистан. Исто така, се регистрирани најмалку 1.700 ампутации на екстремитети, како резултат на повреди добиени во борбите во главните воени зони. Во извештајот на Конгресната истражувачка служба од 2015 година, се наведува дека над 300.000 американски војници претрпеле трауматични повреди на мозокот.

Од друга страна, принудното раселување и понатаму е голем проблем за лицата погодени од војните. Обединетите нации регистрираа милиони бегалци и внатрешно раселени лица во главните американски воени зони. Истовремено, бегалците од овие војни влијаат врз целиот регион. Околу половина од 2,6 милиони бегалци од војната во Авганистан се наоѓаат во Пакистан. Исто така, над 900.000 Авганистанци живеат во Иран. Повеќето од бегалците во војната против Исламската држава во Ирак и во Сирија најдоа засолниште во Турција. Станува збор за речиси 3,5 милиони бегалци на турска територија. Иран, исто така, е домаќин на речиси милион бегалци од Сирија и од Ирак. И додека некои земји во Европа, првенствено Турција, прифатија многу бегалци, други земји, како што е Италија, ги криминализираа бегалците и оние што им помагаат.


Трамп: Преговорите со талибанците се мртви

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека преговорите со талибанците за ставање крај на војната во Авганистан се мртви по нивното минатонеделно прекинување. Трамп во саботата на Твитер објави дека беше закажан состанок со авганистанскиот претседател Ашраф Гани и високи талибански претставници, додавајќи дека го откажал самитот во Кемп Дејвид откако џихадистичките бунтовници ја презедоа одговорноста за нападот, во кој беше убиен и американски војник.
Тој исто така ги оспори и медиумските извештаи, според кои неговата желба да организира состанок со талибанците во Кејмп Девјид предизвикала големо незадоволство во неговиот тим. Некои американски медиуми јавија дека потпретседателот Мајк Пен, но и советникот за национална безбедност Џон Болтон биле против доаѓањето на талибанците во втората резиденција на американскиот претседател, каде што досега се одржани повеќе историски самити.