Вонредна седница за депортирањето ѓуленисти

320

Косовскиот парламент закажа вонредна седница за тајното апсење и депортација на шесте турски државјани, припадници на движењето на муслиманскиот проповедник во егзил Фетулах Ѓулен. Седницата беше најавена за вчера попладне. Претседателството на косовското собрание одлучи седницата да се одржи попладнево. Заменик-претседателот на косовскиот парламент Џавит Хаљити изјави дека одлуката за свикување вонредна седница е донесена по барање на 40 пратеници, а единствена тема ќе биде протерувањето шестмина турски државјани. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред неколку дена го критикуваше косовскиот премиер Рамуш Харадинај во врска со апсењето и депортацијата на шесте турски граѓани што имаат врски со училиштата поврзани со движењето на Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува за неуспешниот државен удар во 2016 година.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред неколку дена му се закани на косовскиот премиер Рамуш Харадинај дека ќе биде одговорен за менаџирањето на состојбата со депортираните турски државјани. Тој го критикуваше Харадинај за разрешувањето на министерот за внатрешни работи и првиот човек на косовската тајна служба, АКИ, повикувајќи ги граѓаните на Косово да протестираат против него. – Нашите тајни служби ги донесоа тука шесте члена на Ѓулен. Но многу се вознемирив кога разбрав дека се разрешени министерот за внатрешни работи и првиот човек на тајната служба. Еј, премиеру на Косово, кога почна да ги заштитуваш оние што направија државен удар во Турција? Од кого доби наредба?

Убеден сум дека народот на Косово, нашите браќа таму, ќе ти го дадат заслужениот одговор – изјави Ердоган напаѓајќи ги САД, кои, според него, го контролираат Харадинај. Шест турски државјани на крајот на март беа уапсени и по итна постапка протерани од Косово по одлука на МВР, кое ги поништило дозволите за нивен престој во Косово, откако АКИ во соработка со турската тајна служба заклучила дека овие лица претставуваат национална опасност за земјата. Според локалните медиуми, во Косово има уште најмалку 200 ѓуленисти.


ЗСО да биде без извршни овластувања

Заменик-претседателот на Асоцијацијата на косовски општини, Џафер Гаши, смета дека Заедницата на српските општини не треба да има извршни овластувања и дека треба да биде во рамките на законите и Уставот на Косово. – Мислам дека ова е најсигурниот пат и најдобар за создавање на таа асоцијација – смета Гаши. Во интервју за весникот „Епока е Ре“, тој вели дека ЗСО треба да личи на НВО, како што е случај со Асоцијацијата на косовските општини. Албанците ЗСО ја нарекуваат Асоцијација на општини со српско мнозинство, јави Танјуг.