Волшебните предели на Тоскана

105

Во италијанскиот регион Тоскана се наоѓа официјално најубавиот град на светот, наречен и музеј под ведро небо. Се разбира тоа е Фиренца. Од Етрурците преку Римјаните, сѐ до ренесансата, Тоскана веројатно е најголемо складиште на уметноста во светот – опфаќајќи буквално сѐ, од сликарски ремек-дела и скулптури, фрески, до архитектонски бисери.

Туристите во Тоскана доаѓаат од разни причини. Некои во потрага по врвните достигнувања на ликовната уметност, други за да ги истражат необичните села во околината. Гурманите и љубителите на виното тука уживаат во едноставната, но прекрасна кујна и во добрите вина. Шетачите пешачат по планинските патеки, велосипедистите ги освојуваат ридовите, а оние што го сакаат летото можете да ги сретнете покрај брегот и на островите. Но сите велат едно: Тоскана е волшебна и треба задолжително да се посети.

Тоскана е распространета на површина од околу 23 илјади квадратни километри и со популација од близу 3,7 милиони жители. Поделена е на девет провинции, меѓу кои Фиренца, како главен град, а тука се и Пиза, Сиена, Лука, Арецо и Ливорно, но и примамливите помали градови и села лоцирани на ридските предели.

На секој агол се кријат нови раскошни видици како од разгледница. Старите катедрали и историски музеи во поголемите градови, пак, сведочат за богатата традиција и историја на Тоскана, која важи за колевка на ренесансата и е инспирација за безброј уметници како во минатото така и за современата култура. Во нив може да се сретнат изложени извонредни слики, скулптури, фрески и архитектонски ремек-дела. Како финален детаљ кој ја збогатува и онака примамливата понуда се убавите плажи по должината на брегот на Тиренско Море. Можностите се безбројни и речиси е невозможно да се доживеат сите нешта одеднаш, но едно е сигурно – Тоскана е дестинација што заслужува да се најде на сечија туристичка мапа.