Волонтерите на Скопски маратон ја издигаат свеста и шират солидарност

2084

Љубинка Брашнарска е една од 450-те волонтери, кои се потребни за Скопскиот Маратон да тече беспрекорно, позитивно и полесно. Таа и сите други волонтери се клучна алка за секој маратон. Задачата на волонтерите е да им помогнат на натпреварувачите полесно и безбедно да го завршат маратонот, давајќи им инструкции за движење, додавајќи им вода, овошје и електролити, или помагајќи во регулацијата во сообраќајот, особено на пешачките премини каде што пешаците не треба да им го попречат патот на учесниците на настанот.

– Волонтерите се важен дел од маратонот, особено бидејќи Скопскиот маратон е навистина масовен – секоја година има сè повеќе пријавени тркачи и вкупниот број е преку осум илјади. Задачата на волонтерите е да се погрижат тркачите да го добијат тоа што е најпотребно – вода, на подолгите патеки, и храна за енергија, но и информација и поддршка. Уште од рано наутро, штом ќе се раздени, почнуваме да ги подготвуваме водните станици за што е можно поефикасно делење вода. Потоа, кога трката ќе почне и тркачите ќе пристигнат на водните станици, им ја подаваме водата на тркачите и ги бодриме – вели Љубинка Брашнарска, која веќе четврта година ќе ги бодри маратонците.

Таа вели дека солидарноста е важен дел од спортот, но е исто толку важен дел од животот.
– Кога секој од нас би се заангажирал за подобрување на нештата во нашето општество и би волонтирал за да помогне некому, не само што нашите животи би биле поисполнети и ние би биле посреќни, туку и општеството би било многу похумано. Атмосферата околу целиот маратон е славеничка и исполнета со радост. Ние, волонтерите, а знам дека и организаторите, им се радуваме на сите тркачи. Ги цениме нивната издржливост, решителност и изборот да се грижат за своето здравје. Ги поддржуваме во нивната борба, како во трчањето, така и во издигањето на свеста за многу важни нешта во општеството. Всушност, и ние ја користиме можноста со нашето волонтирање да ја издигаме свеста и да шириме солидарност. На пример, јас веќе неколку години едноподруго го организирам тимот волонтери што дели вода за тркачите на 5 километри под мотото „Трчам за бегалците“, а со тоа ја искажувам мојата поддршка за бегалците, луѓето принудени да ги напуштат своите домови насекаде низ светот – вели Брашнарска.

Таа низ годините има собрано прекрасни искуства. И вели дека по маратонот гласот ѝ е фатен неколку дена од бодрење на тркачите.
– Во 2014 година бев многу среќна кога мојата драга другарка Беса првпат се пријави да трча на Скопскиот маратон. Ја бодрев додека трчаше и уживав во целата енергија околу мене. Од следната година почнав да волонтирам. Никогаш не сум трчала и не сум успевала да најдам мотивација за индивидуалните спортови, но Скопскиот маратон е толку убав и позитивен настан што го крева цело Скопје на нозе, што е прекрасно што има начин да се биде дел од него дури и ако некој не трча. Енергијата што доаѓа од бескрајната река луѓе е феноменална и нам не ни пречи дури ни што до крајот од делењето вода завршуваме мокри. Најголемото изненадување се случува кога тркачите нè бодрат нас, волонтерите, кога ни аплаудираат или ни дофрлуваат смешки бидејќи знаат дека ние сме таму за нив и сакаат да ни покажат дека искрено ја ценат нашата поддршка. Исто така ми е многу драго кога ќе забележам некој од моите пријатели како трча. Мислам дека солидарноста што постои на маратонот и потребата да се издигне свесноста за важните теми е тоа што најмногу ме мотивира бидејќи тоа е сликата за моето општество што сакам да ја гледам постојано и насекаде. Се гледаме на 6 мај, тркачи, волонтери и бодрачи по улиците – порачува Брашнарска.

Гордана Кузмановска Николовска, една од организаторките на Скопскиот маратон, вели дека маратонот има потреба од 450 волонтери, кои се пријавуваат на апликација поставена на веб-страницата на Скопскиот маратон.
– Културата заеднички ја градиме. Волонтирањето е одговорна работа и се очекува сериозен пристап. Најголем дел од волонтерите се или биле некогашни спортисти, најчесто планинари, но и многу средношколци, во придружба со професорите. Волонтерите секаде во светот се најклучната алка на еден настан. Одговорни, снаодливи, пожртвувани и солидарни луѓе. Пример за секој настан се волонтерите.

Ние имаме сѐ повеќе искусни и одговорни волонтери, а сертификатите што ги добиваат многу ќе им послужат при вработување. Волонтерите се секогаш чекор пред другите, работодавецот веднаш знае со каков профил на луѓе разговара, некој што своето слободно време го подарил за општо добро, за придонес, солидарно и хумано. А се стекнуваат и со одлично искуство што многу ќе им помогне понатаму во животот – посочи Кузмановска Николовска.
Таа вели дека волонтерите најчесто се мотивираат од некој одржан настан, од покана од пријатели, од желба да бидат учесници на трка, а не можат да трчаат.

Волонтерите прифаќаат одговорност, свесни се за временските температури, и седат докрај. Бодрејќи ги и последните маратонци, кои не може да успеат ако не се волонтерите.
– Апелирам до идните волонтери да им го направиме денот на Скопскиот маратон незаборавен за сите домашни и странски натпреварувачи. Да нѐ паметат како град што е пример за солидарност. Да дојдат повторно во Скопје затоа што маратонот го завршиле, благодарение на волонтерите. Апелирам да бидат најдоброто од себе, за да може да оценуваат најдобро и за себеси – вели Гордана.