Возилата на поранешните и сегашните лидери на светот

406

Поради природата на нивната работа, политичките лидери во сите земји на светот често патуваат. Тие се придружувани од големи групи луѓе за нивните патувања да бидат безбедни, тие користат приватни авиони и се сместуваат во луксузни хотели. Но за пократките релации е неопходно политичарите да се возат и со автомобили, па затоа во текстот подолу ќе разгледаме со какви возила точно се возат сегашните и со какви возила се возеле поранешните лидери во светот.

Пред повеќе од неколку месеци, водечките луѓе во Русија најавија дека се подготвува најлуксузен модел од автомобилот „аурус“ за претседателот Владимир Путин. Претседателот на САД, Доналд Трамп, сѐ уште го чека новонарачаниот „кадилак“, а премиерката на Велика Британија се вози со екстра-сигурниот „јагуар икс џеј – сентинел“. Низ историјата има и такви светски лидери што избрале да користат сосема „нормални“ автомобили, без да имаат потреба од луксузни милионски возила.

Тереза Меј, премиерка на Велика Британија
Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, со оставката на Дејвид Камерон како премиер на Кралството, го наследи одличниот „јагуар иск џеј – сентинел“. Ова е возило што е произведено со специјална шасија од појачан челик, а се шпекулира дека „јагуарот“ би можел да издржи и експлозија од 15 тони ТНТ. Иако познат по својата силина и големата безбедност што ја нуди, „сентинелот“ не е целосно имун на возачки грешки и веќе неколкупати е оштетен од страна на возачите што ги возат премиерите на Британија.

Владимир Путин, претседател на Русија
Владимир Путин, еден од најпознатите лидери во светот, моментално се вози во специјално дизајнирана лимузина наречена „аурус сенат“. Претходно тој го користеше моделот „С600“ на „Мерцедес“. Не постојат многу детали за оваа екстра-луксузна лимузина, но се претпоставува дека под нејзината хауба има 4,4-литарски В8 хибриден мотор, кој може да произведе 600 коњски сили. Непотврдени информации велат дека ова возило е целосно отпорно на куршуми, а гумите на кои се движи се полни, за да се намали можноста за каков било тип незгода. „Аурус сенат“ развива брзина од 0 до 100 километри на час за само 6 секунди, што е навистина брзо за толку големо и тешко возило. Иако лимузината е целосно произведена во Русија од страна на руски авто-мото производители и истражувачи, таа личи на комбинација од „ролс ројс фантом“ и моделот „Бист“, кој моментално се произведува за сегашниот претседател на САД, Доналд Трамп.

Хозе Мухика, поранешен претседател на Уругвај
Ако е познато дека политичарите, а особено претседателите живеат луксузен живот, поранешниот претседател на Уругвај, Хосе Мухика, е спротивност на таа претпоставка. Кога ја презеде функцијата на претседател на оваа јужноамериканска земја во 2010 година, Мухика од светските медиуми беше прогласен за „најсиромашниот претседател во светот“. Како единствена негова лична сопственост беше неговиот „фолксваген битл“, или кај нас попознат како „буба“. До 2015-та кога се повлече од функцијата, Мухика преку неговото скромно живеење на фарма и со донирање на 90 отсто од својата плата беше еден од најпочитуваните претседатели во светот. За време на својот мандат, Хозе Мухика често беше забележуван од страна на медиумите со својата „буба“, а познато е и дека неколкупати му било нудено и 1 милион долари за ова необично возило.

Шарл де Гол, поранешен претседател на Франција
На 22 август 1962 година, претседателот на Франција, Шарл де Гол, и неговата жена се возеле на задните седишта во „ситроен ДС“, кога 12 вооружени лица отвориле оган врз неговото возило и испукале 140 куршуми во знак на протест на гарантирањето независност на Алжир од страна на Франција. Животот на Де Гол бил спасен поради тоа што „ситроенот“ во кој се возел за тоа време имал доста напредна и иновативна технологија со хидропневматска суспензија, која овозможила возилото да се стабилизира и да продолжи да се движи по патот. По овој обид за атентат, Де Гол бил навистина восхитен од возилото и кога во 1969 година италијански „Фиат“ се обидел да ја купи француската компанија, тој инсистирал брендот „ситроен“ да остане во француска сопственост.

Емануел Макрон, претседател на Франција
Традицијата на користење „ситроен“ од страна на француските државници продолжува, па, така, сегашниот шеф на Франција, Емануел Макрон, исто така користи возило од овој произведувач. За потребите на лидерот на оваа земја се користи моделот „ДС 7 кросбек“, кој првенствено беше произведен ексклузивно за претседателот на Франција, но потоа претседателскиот модел беше достапен за сите оние што се заинтересирани да го купат. Додека ова возило ги нема карактеристиките на лимузината на Путин или на „јагуарот“ на Меј, сепак, во него се вградени системи за активна суспензија и специјален систем за контрола на возилото.

Муамер Гадафи, поранешен лидер на Либија
Во 2009 година, покојниот либиски лидер Муамер Гадафи најави дека тој успеал да дизајнира сопствен автомобил наречен „либиска ракета“. Се сметаше дека ова ќе биде „најбезбедното возило на светот“, а вклучуваше и специјални браници, кои се креваа и спуштаа за несакани ситуации. Автомобилот требаше да се произведува во Триполи, но плановите пропаднаа со разнишувањето на неговата лидерска позиција. Вреди да се напомене дека Гадафи во својата колекција поседувал и рачно изработен „фиат 500“ (кај нас попознат како „фичо“), кој вредел околу 200 илјади евра.

Барак Обама, 44-от претседател на САД
Познатиот американски автомобилски произведувач „Кадилак“ за потребите на американските претседатели има создадено специјална лимузина. Во овој автомобил се возеше поранешниот претседател на САД, Барак Обама, на инаугурацијата во 2009 година и 44-от претседател на оваа земја продолжи да го користи низ целиот свој мандат. Овој „кадилак“ има каросерија отпорна на експлозив и прозорци од стакло што е дебело 13 сантиметри. Интересно е да се напомене дека може да се отвори само возачкиот прозорец. Во истиот автомобил се вози и сегашниот претседател на САД, Доналд Трамп, додека го чека новиот модел на овој автомобил да биде финиширан, некаде во последните месеци од оваа година.

Други познати лидери во историјата
Многу познати лидери, диктатори, комунистички водачи и државници во минатото го користеле безвременскиот „мерцедес-бенц гросер 600“. Во германската лимузина со 6,3-литарски В8 мотор се возеле Јосип Броз-Тито, Николае Чаушеску, Пол Пот, Леонид Брежњев, Иди Амин, Фидел Кастро, како и севернокорејските лидери Ким-сунг Втори, Јонг-ил и Ким Јонг-ун. Култниот статус на „гросер 600“ значеше дека возилото го возеа и голем број холивудски филмски негативци.