Возбудливо камерно патување со музиката на Брамс

118

Камерното дуо Илковски – Имери на малата сцена на Македонската филхармонија звучеше интимно, беспрекорно и музички инспиративно. Музиката на Брамс носталгично одѕвонуваше во акустичниот простор во совршено изедначена камерна изведба

Кога наполнил дваесет години Јоханес Брамс запознал еден музичар што имал големо влијание во неговиот музички опус. Тоа бил Јозеф Јоаким (1831-1907), унгарски виолинист, диригент и композитор со еврејско потекло. Запознавањето со Јоаким и со соработката со различни унгарски музичари ќе го инспирира Брамс да ги напише композициите обединети под заеднички наслов „Унгарски танци“. Збирката составена од дваесет и едно дело, инспирирана од унгарскиот фолклор, ќе му донесе исклучителна популарност на Јоханес Брамс, но и пари. Композициите изворно се напишани за пијано, а виолинските аранжмани се на Јозеф Јоаким.

Унгарскиот танц број 1 и 2 прозвучија и на концертот на виолинистот Бојан Илковски и пијанистот Дино Имери, кој се одржа во петокот во камерната сала на Македонската филхармонија. Целосно посветен на творештвото на германскиот романтичар Јоханес Брамс, овој концерт претставуваше возбудливо музичко патување низ опусот на композиторот сакал да истакне дека нема завршено официјално музичко училиште и дека во најголем дел бил самоук. Музиката на Брамс има посебно место во историјата. Има многу поклоници и верни обожаватели. Структурно е совршена, се инспирира од формалните основи што ги поставиле Бетовен, па дури и Бах, има романтичен дух… Брамсовиот личен музички јазик има дестилирана и богата текстура.

На концертот Илковски и Имери ја чувме и првата соната на Брамс, создадена веднаш по монументалниот виолински концерт, но со дијаметрално спротивен карактер и сензибилитет. Напишана е во контраст со овој концерт, кој се фокусира на техничката маестралност. Првата соната е емотивна и носталгична, во неа има многу романтизам и тоа во најсурова форма што кулминира во централниот став – адаџо. Илковски и Имери во изведбата на ова романтично дело ја синтетизираа енергијата што струи меѓу нотите во испишаната партитура. Илковски преку софистицираната изведба ги извлече на површина есенцијалните карактерни особини на ова музичко дело, нагласени преку деликатната динамика и боење на романтичните теми.

Вториот дел од концертот почна со изведба на првото камерно дело што го создал Брамс – неговото „Скерцо (Ф.А.Е.) создадено како сегмент од поголем проект посветен на виолинистот Јозеф Јоаким. Иако ова дело има три става (другите два се создадени од Шуман и од Дитрих) „Скерцото“ на Брамс има највитален сценски живот и е составен дел од камерниот репертоар на многу виолинисти. И во изведбата на ова дело Илковски беше достоен во отсликувањето на музичката естетика типична за Брамс, дополнета со деликатниот и префинет звук на пијаното, совршено избалансиран под прстите на Имери.

Концертот го заокружи изведбата на последната виолинска соната, која ја создал Брамс – во Де-мол создадена во периодот помеѓу 1886 и 1888 година. Посветена му е германскиот диригент и пијанист Ханс фон Булов, а првпат е изведена во Будимпешта во 1888 година. Премиерно прозвучила во изведба на виолинистот Ене Хубаи и композиторот Брамс на пијано. За разлика од неговите претходни две сонати, оваа има четири става, а последниот е најкомплексен и бара најголема посветеност и виртуозност од солистите. Илковски беше одличен и во музичкото отсликување на ставовите во оваа соната, посебно во последниот, кој почнува со доминација на пијано, а продолжува со лирска и со бунтовна виолинска изведба.

Камерното дуо Илковски – Имери на малата сцена на Македонската филхармонија звучеше интимно, беспрекорно и музички инспиративно. Музиката на Брамс носталгично одѕвонуваше во акустичниот простор во совршено изедначена камерна изведба. Чувме комплексна концертна програма во одлична изведба на двајца посветени музичари, кои беспрекорно го отсвиреа Брамс!