Водата е најважен дел од оброкот на мачките

263

Водата е драгоцена за мачките, затоа што во организмот не постои ниту еден процес во кој не учествуваат молекулите на водата

Молекулите на водата учествуваат во целокупниот процес на варење кај мачките, ослободувајќи го организмот од штетни продукти во сите метаболички процеси. Затоа е важно на своите миленици постојано да им обезбедувате чиста вода за пиење. Има различни истражувања околу темата колку вода ѝ е потребна на една мачка. Општоприфатеното правило е дека на една мачка ѝ треба онолку вода колку што внесува калории во исхраната. Сепак, количеството вода зависи од тоа каква храна јаде мачката.

Свежа вода

Во природата мачките најголемо количество дополнуваат со пленот, додека во градски услови најчесто се хранат со индустриска храна. Така што во сувата храна има 8-10 отсто вода, а во влажната 78-84 отсто вода. Доколку се храни мачката со сува храна потребен е надзор врз неа за да ја добие потребната вода. А доколку се храни со влажна храна, таа веќе има внесено две третини од потребата за водата. Па оттука сопствениците често сметаат дека нивната мачка не внесува доволно вода. Мачка што тежи околу 4 килограми и се храни со сува храна треба да внесе 240 калории, или околу 60 грама квалитетна храна, а притоа да испие околу 240 до 120 милилитри вода. А доколку се храни со влажна храна околу 80 до 50 милилитри вода. Освен исхраната, свое влијание имаат и температурата, опкружувањето и пристапот до свежа вода. Доколку има пристап ќе пие онолку колку што ѐ е потребно.

Чисти садови

За мачката да пие вода треба да ѝ одговара и садот. Потребно е да биде во големина што ја задоволува дневната потреба за вода на мачката, така што треба да собира од 150 до 250 милилитри. Препорачливо е да не е длабок за да ѝ се намократ мустаќите. Материјалот треба да биде лесен за одржување, затоа што треба секој ден да се мие. Се препорачуваат метални или порцелански чинии. И садот за храна и садот за вода не е пожелно да се еден до друг. Затоа што водата покрај храната може да се загади. Затоа многу мачки не пијат од својот сад за вода, туку од лавабо, од чаша, од каде што ќе најдат свежа вода. Мачките сакаат да пијат свежа и ладна вода, па кога ќе начекаат од чешма или од фонтана, не пропуштаат.
А доколку дома имате повеќе мачки тие треба да имаат неколку чинии за вода, за да не доаѓаат во конфликт. А мачките што живеат во двор, поради тоа што не се под постојан надзор на сопствениците треба редовно да имаат вода на неколку места.

Индикатор за здравје

Водата е индикатор за здравствената состојба на мачката. Доколку наеднаш мачката го зголеми или го намали внесувањето на количеството вода, сопственикот треба итно да се обрати на ветеринар. Зголеменото пиење вода е знак за дијабетес или бубрежна инсуфициенција. Мачките се многу штедливи за вода, и приспособливи во разни ситуации. За разлика од кучињата многу малку се подложни на дехидрација, и мали им се потребите за вода.


Мачката има начин да му покаже на сопственикот дека ѝ недостига вода. Пред сѐ, може да се напие од чашата на некој од сопствениците, на тој начин укажува дека ѝ треба свежа и чиста вода. И дека е потребно да ѝ се смени садот за вода. Затоа редовно менувајте ѝ го садот, одберете соодветно место да го поставите садот каде што ѝ одговара, имајте заменска чинија, секојдневни мијте ги садовите и контролирајте ја водата во садот. И доколку е потребно зголемете го количеството водата на мачката.