Внимателно при косењето трева – можеби има дивеч

451

Во времето кога се коси тревата со разни косилки, младиот дивеч обично не бега од нивната закана, туку останува мирно да лежи во тревата

Срничките, зајаците и другите шумски животни обично ги поминуваат првите недели од животот скриени во високите зелени треви. Но во време кога се коси тревата со разни косилки, младиот дивеч обично не бега од нивната закана, туку останува мирно да лежи во тревата, за разлика, на пример, кога ќе ги нападнат разни животински предатори, како што се лисицата, волкот и други.

Овој проблемот на дивечот во високата трева може да се реши единствено со заемна соработка меѓу ловџиите и земјоделците, оти е исклучително битно познавањето на теренот на ловиштето, потоа биологијата како и навиките на дивечот на тоа ловно подрачје. Притоа од голема помош се следниве практични совети.

Поставување плашила од вреќи на ливадите со сина или со црна боја и тоа најмногу два дена пред косењето, оти ако стојат подолго време, дивечот ќе се навикне на нив и нема повеќе да се плаши. Понатаму, користење радиоапарати, кои се оставаат на ливадите ноќ пред косењето и кои со својот звук ќе го вознемируваат и бркаат младиот дивеч. Разни трепкачки светилки и вметнати мириси, кои можат да го натераат дивечот да се вознемири и да го напушти тоа подрачје пред косењето.

Тука е и методата на пребарување и истерување на дивечот со помош на тренирани ловџиски кучиња. Можат да се користат и разни машински апарати, на кои ќе се врзат разни алармни уреди (синџири, конзерви…) за создавање врева и со тоа ќе се вознемират шумските животни. Не треба да се заборават ниту инфрацрвените детектори, кои реагираат на топлината на животните и на тој начин автоматски ќе ја сопрат работата на косилките, младиот дивеч ќе има доволно време да побегне. Кога се коси висока трева, секогаш треба да се применува тоа да се прави од средината па кон надвор, со што дивечот ќе има поголема можност да побегне кон околната средина.

Кај долгите ливади, а се наоѓаат покрај патиштата, треба да се косат од едната кон другата страна, за дивечот да има можност да побегне кон друга парцела, а потоа и целосно од таа ливада.

Доколку се пронајдат некоја срничка или млад зајак, е потребно ловџијата веднаш да го пренесе на најблиската парцела каде што неговата мајка ќе го пронајде. Притоа е најдобро ловџијата тоа да го стори со користење ракавици и поголемо парче трева и да избегне допир на младиот дивеч со неговата кожа.


Риболов со тапа-пливка

Начинот на кој се движи и реагира тапата може да биде и сигнализатор за тоа кој вид риба удира на јадицата

Главна функција на тапата-пливка во риболовот е одредување на длабочината на водата, а исто така таа е показател за тоа што се случува со јадицата во водата. За рибарот да ја постави јадицата на одредена длабочина, мора да употреби тапа-пливка, која како основен сигнализатор покажува кога рибата јаде и ја напаѓа поставената мамка или, пак, укажува кога во водата има некоја пречка на која јадицата е закачена и не може да ја извршува својата функција.
Но, тапата-пливка, покрај овие има и други улоги. Така, на пример, начинот на кој се движи и реагира, може да биде сигнализатор и за тоа кој вид риба удира на јадица.

За тапата-пливка добро да функционира при риболовот, е потребно рибарот да постави соодветно олово на неа. Поставувањето оловото, пак, има значајна улога при успешното фаќање риби. Многупати се случувало помалку искусните рибари да не можат да ја увидат главната причина зошто тие не можат да фатат риби, за разлика од другите рибари покрај нив, на кои тоа им успева во голема мера.
Една од причините е токму немањето доволно олово на самата тапа, поради што рибарот воопшто не ги чувствува ударите на рибата или тоа го прави со задоцнување, а притоа рибата секогаш му бега.
Рибарот може да го направи поставувањето на оловото и во својот дом за да замине подготвен на риболов. Истото тоа може да го направи и во кој било подлабок сад.