Внатре е надвор

901

Ова е доба на НИВЕЛАЦИЈА на основните спротивни етички вредности, целосно уништување на бинарните опозиции, кои Тери Иглтон ги сметаше за ознака на идеолошките тоталитаризми. Но иако изгледа како расчистување со закостенетите бинарни идеолошки етикеции, тоа „демократско“ нивелирање е всушност – вовед во еден стравотен, нов, глобален НИХИЛИЗАМ, од кој, како што денес изгледа светот, ќе нема веќе враќање

„Можеби сепак некогаш ти паднало на ум, драг читателу, да се посомневаш малку во исправноста на некој познат филозофски став – дека надворешното е внатрешно, а внатрешното – надворешно“?
Постојат антологиски први реченици од големи светски книжевни и филозофски дела што не се забораваат. Ова е првата реченица од првото печатено дело на Серен Кјеркегор, „Или-или“, од предговорот печатен под псевдонимот Виктор Еремита.

Тие први реченици што остануваат во свеста на читателот живеат со него до крајот на животот и се преместуваат во различни животни контексти, како еден вид нужен животен багаж, како куфери што на различни станици од животот добиваат различна смисла и етикета, во зависност од дестинацијата кон која сме се упатиле. Оживуваат во различни ситуации, дури и тогаш кога сме мислеле дека сме ги заборавиле. Оваа реченица на познатиот дански филозоф, на пример, оживеа кај мене повторно откако почна да спласнува еуфоријата од полемиките околу новото предложено име на мојата татковина, Македонија. Откако најостро се поларизираше македонското народно ткиво на „конзервативци“ (против каква и да е промена на името, дури и против преговори за тоа) и „авангардисти“ и „Европејци“ (за промена на името, со силна надеж за брз економски напредок по влезот во ЕУ и НАТО), реченицава станува поука за секој граѓанин на Македонија, како оние мудрости од Светото писмо за секој верник. Станува и можен излез од таа застрашувачки поларизирана поделба, која сега е моја стварност, а беше само моја белетристичка фикција кога го пишував „Папокот на светот“, во 2000 година.

Според таа поделба, првите се антидемократи и вулгарни националисти (таков лик имам креирано во „Папокот на светот“ – фискултурецот од Партијата на народниот дух), а другите – авангардни демократи (ликот на „џезерот“ Јан Лудвик од истиот роман, кој го презира својот народен идентитет и верува во наднационален, глобален културен дух). Цитираната реченица на Кјеркегор, во контекст на таа поларизација, доаѓа како најдобар израз на моите сфаќања за демократијата: поубава дефиниција за демократија од горната јас немам прочитано. Без скепса, нема демократија. За мене демократија не е секој човек да има право да го изрази своето мислење, па дури не ни она „еден човек – еден глас“, туку токму ова – сомнежот во сè, дури и во такви „очигледности“ каква што е бинарната опозиција „внатрешно/надворешно“, а за кои ни се чини дека само луд човек може да ги оспорува. Така, ако сомнежот е прва и основна особина на секое демократско мислење, тогаш СЛЕПАТА ВЕРА е особина на „револуционерните“ мислења. Тешко дека Октомвриската (и која било друга) револуција ќе успееше ако нејзините учесници немаа слепа верба во нејзините слогани и ако имаше сомнеж во проповедите на нејзините водачи.

Ако е така, произлегува дека револуциите по дефиниција се догма. А нивна крајна цел се – демократиите?! Тоа е вечното филозофско прашање за апсурдот – може ли да се стигне до добри цели со лоши средства? Може ли со одземање имот и пролевање крв да се воспостави нов и поправеден свет? Или многу бргу, по револуционерната поделба на „земната правда“, тој „нов и праведен свет“ почнува да се расипува како штотуку снесено јајце заразено со салмонелата на човековата вродена лакомост?
Во секој случај, сомнежот, а не слепата верба, е суштинската особина на демократското мислење. Тој сомнеж не бил пожелен во револуционерни и „историски“ мигови, па затоа и ниеден револуционерен водач не ја милувал многу интелигенцијата: добро знаел дека вистинскиот интелигент има особина да се сомнева во сè. Вистинскиот интелигент нема да се плаши да се сомнева ни во врвните вредности и богови. На пример, во денешниот поим на западната демократија, зашто постојат сериозни антиномии во тој поим. Кратко ќе се задржам само на една.

На пример, фразата дека демократијата подразбира секој да го изнесе своето мислење се граничи со бесмисленото и комичното. Знам дека да се сомневаш во оваа „света заповед“ на демократијата изгледа исто така бесмислено како што изгледа бесмислено некој да се посомнева во поимите внатре/надвор, па да тврди дека внатре е всушност надвор, а надвор внатре. Но да не му подлегнуваме на најзлиот демон на нашето време, ПОВРШНОТО: првата перцепција на нештата да се прогласува за вистина. Зашто барем во денешниов свет, поларизиран меѓу САД и Русија, МНОГУ ЛЕСНО се докажува дека внатрешното е надворешно, а надворешното – внатрешно. Земете ги за пример малите земји што стекнаа независност по распадот на социјалистичкиот лагер – сите тие се држави на „далечинско управување“, а САД (со истурената филијала – Европа) и Русија се борат кој ќе го грабне далечинскиот управувач.

Така, за тие земји речиси веќе и не постои „внатрешно прашање“ – нивната внатрешна политика е надворешна. На ист начин и надворешните политики на САД и Русија се, всушност, внатрешни политики на други држави, нешто што во социјализмот се викаше „мешање во внатрешните работи на една држава“ и се сметаше за непријателски акт и агресија. Денес нема „внатрешно прашање“ – под притисок на западната идеја (слика) за вистинската демократија, доаѓа до униформирање на „внатрешните политики“ на државите, до екстернализација на нивните политички утроби, до инспекција на тие „внатрешни политички желби“ и до отстранување „од надвор“ на сето она што не ѝ одговара на глобализаторската идеја дека внатрешното треба да биде видливо, транспарентно и контролирано. Во теориите на светските заговори се оди дури дотаму што се тврди дека во некои држави се поставуваат цели влади однадвор. Како и да е, има многу елементи да се верува дека денес „децималните“ народи и држави се доказ дека внатрешното е – надворешно, а двете крупни светски сили се доказ дека надворешната политика често е „внатрешно мешање“ во други држави.

Но да се вратам на сомнежот во флоскулата „демократија е секој да го изнесе своето мислење“. Ако добро се размисли, зошто би имало потреба дури и глупавиот, малоумниот, злосторникот или психопатот да го изнесат своето мислење? Дали е тоа давање само формална слобода за тие категории? Колку навистина нивните мислења ќе придонесат за општото добро на колективитетот? Од каде воопшто претпоставката дека секој припадник на човековиот род е способен за мислење? Ако глупавиот мисли дека мисли, нека си мисли дека мисли, но тој вистински не мисли. Глупавиот може да дојде само до глупаво и погрешно мислење. Колку тие мислења можат да ѝ послужат на демократијата? Лудиот, ако мисли, може да предложи само лудости, а убиецот – само крвопролевање. Ако недоучениот мисли, а е лекар, наместо вакцинација ќе изврши кастрација на населението, оти ќе го збуни звучната сличност на зборовите, како што ќе меша и демократија со автократија. Зошто на демократијата ѝ се потребни такви мислења? За да може да се видат умните? Не. Туку – за да се НИВЕЛИРА глупоста со мудроста, злото со доброто. Ова е доба на НИВЕЛАЦИЈА на основните спротивни етички вредности, целосно уништување на бинарните опозиции, кои Тери Иглтон ги сметаше за ознака на идеолошките тоталитаризми. Но иако изгледа како расчистување со закостенетите бинарни идеолошки етикеции, тоа „демократско“ нивелирање е всушност – вовед во еден стравотен, нов, глобален НИХИЛИЗАМ, од кој, како што денес изгледа светот, ќе нема веќе враќање. Тој нов нихилизам ќе ја избрише и елементарната етичка дистинкција меѓу доброто и злото и елементарната гносеолошка дистинкција меѓу вистината и лагата, знаењето и незнаењето, вредното и безвредното.

Во таков свет нормален човек нема да сака да живее и сигурно ќе се сврти кон некаков вид ескапизам. Но тоа повторно ќе биде малцинство: мудрите никогаш не биле мнозинство. А гласа – мнозинството. А кога умните ќе станат малцинство (ако веќе не се), ќе можат да ги побараат своите малцински права. Тогаш белки ќе живеат како богови (макар и карантинирани), а не како шутнати шугави песови по аглите на ова општество, агли со децении бележани со секаква политичка урина на острастени моќници.