Владеење на правото во латиноамериканските земји

253

Професорот што, во почетокот на седмата деценија од минатиот век, предаваше социологија на скопскиот Економски факултет, во едно предавање се осврна на состојбите во Латинска Америка и притоа ни рече: „Колеги, во земјите од Латинска Америка (ЛА) нема работа што не може да се среди со пари!“ Во тоа време во ЛА се случуваа енормна корупција, криминал, преврати, воени хунти, диктатури и слично. Со текот на времето, во голем број земји во ЛА состојбите постепено се нормализираа и битно се подобрија! Тоа е постигнато првенствено со промени во нивните политички системи, односно со воспоставувањето политички систем што гарантира брзи и чести промени на власта! Основна карактеристика на овие промени е воведувањето претседателски систем по примерот на САД, со тоа што секоја од овие земји внесуваше сопствени специфичности.

Претседателските системи придонесоа за битно намалување на криминалот и корупцијата, но, за жал, не и за нејзиното целосно искоренување! Правосудните системи во овие земји се базирани на моќни обвинители и на независно судство! Најдобра потврда за ефикасноста на правосудните системи на земјите од ЛА е тоа што голем број нивни претседатели се осудени на долготрајни затворски казни!
Како функционира правната држава во земјите од ЛА?

По заминувањето на воената хунта во 1985 година, во Бразил се променија повеќе претседатели. Сепак, пресвртницата се случи на регуларните избори во 2001 година, кога за претседател беше избран синдикалниот лидер Лула да Силва, кој оваа функција ја вршеше два мандата, односно од 2002 до 2010 година. Поради замешаност во корупциски афери и перење пари подоцна е осуден на затворска казна од 12 години, а му претстојат уште повеќе од шест судења! Новоизбраната претседателка Дилма Русеф стапи на должност на 1 јануари 2011 година, а беше реизбрана во 2014 година, но од оваа должност се повлече на 31 август 2016 година поради импичмент! По повлекувањето на Дилма Русеф, претседателската функција ја презеде Мишел Темер, кој ја вршеше должноста потпретседател. Мишел Темер ја вршеше функцијата претседател од 31 август 2016 до 31 декември 2018 година. Поради замешаност во корупциска афера и поради избегнување на правдата и тој е уапсен. На минатогодишните избори победи ултраконзервативецот Жаир Болсонаро, кој стапи на должност од почетокот на оваа година.

Перу е една од ретките земји од ЛА што, покрај претседател, имаат и премиер. Поранешниот претседател Алберто Фуџимори поради корупција и злосторство против човештвото е осуден на затворска казна од 26 години. Поранешниот претседател Педро Пабло Кучински, кој претседателската функција ја вршеше од 2016 до 2018 година, го помилува Фуџимори, но Врховниот суд го поништи помилувањето и нареди веднаш да биде вратен во затвор! Поради корупциска афера со една голема градежна компанија, Кучински поднесе оставка! Алан Гарсија функцијата претседател на Перу ја вршеше од 1985 до 1990 година и повторно од 2006 до 2011 година. Во времето на неговиот втор мандат бил замешан во голема корупциска афера. На 17 април 2019 година, кога полицијата отишла да го апси, Гарсија се самоубил!

Аргентинската претседателка Кристина Фернандез, која беше избрана во 2007 година и која благодарение на тоа што успеа да ја надмине тешката економска и финансиска криза, беше реизбрана во 2011 година, сепак ќе мора да се соочи со правдата, ќе ѝ се суди за корупција. Како сенаторка ужива имунитет, но сепак ќе ѝ се суди и, доколку биде осудена, Сенатот ќе гласа за одземање на имунитетот и ќе оди во затвор!
Уругвај е специфична земја во ЛА. Во оваа земја не само што нема корупциски афери, туку двајца стари левичари што владеат од 2005 година досега успеаја економски и социјално да ја преродат државата. Од 2005 до 2010 година претседателската функција ја вршеше Табаре Васкез, кој во 2015 година беше повторно реизбран. Уставот на Уругвај не дозволува два последователни мандати, така што од 2010 до 2015 година претседател беше Хозе Пепе Мухика, кој ужива углед на најомилен и најскромен претседател во светот. Со својата сопруга живее во куќа од 40 м2. Како претседател 90 проценти од платата донирал за обезбедување покрив за самохрани мајки. На работа одел со „фолксваген буба“ од 1978 година!

Од изложените случаи, можат да се извлечат следните заклучоци: земјите од ЛА, освен Куба и Венецуела, во последните две-три децении имаат постигнато импресивни резултати во поглед на владеењето на правото; законите важат еднакво за сите, вклучувајќи ги и шефовите на државите, кои поради корупција добиваат долготрајни затворски казни; нема застарување на обвиненијата за корупција; мошне важно и индикативно е тоа што шефовите на земјите од ЛА не одат во затвор поради злоупотреба и/или расипништво на буџетски, односно народни пари, туку поради лукративни договори со големи нафтени и градежни компании! Како е кај нас? Тоа е друга тема, која заслужува внимание.

Авторот е поранешен дипломат