Владата си удира цврсти темели за нов неуспех

1454

Точно дека ова што сега го имаме не е ниту политичка криза ниту криза на владината коалиција, но дефинитивно е кадровска криза, и тоа со такви размери што ја надминуваат рамката неопходна за стабилна и функционална извршна власт. Таа го парализира целиот систем. Причините за тоа се познати и многу пати експлицирани. Но премиерот веројатно би требало да се потсети на нив пред да го направи конечниот избор на своите идни соработници

Најавата за зголемување на парламентарното мнозинство и, во согласност со тоа за прераспределба на функциите во извршната власт, кои требаше да се случат во март, па во април, па по Велигден и Први мај, го дочекаа и самитот во Софија, за кој пак се врзуваа прогнозите за можен исчекор во процесот на решавањето на спорот со Грција и за значителен исчекор во однос на евроинтеграцијата на земјава, деновиве доби одредени контури со објавата дека уште неколку помали партии влегуваат во Владата. Ако во меѓувреме некој од инволвираните во овој проект не се пишмани, може да се очекува, по средување на впечатоците од самитот, а пред летните одмори, и да се случи долгонајавуваната реконструкција. А потоа? Неподносливи жештини, масовен егзодус кон околните мориња, но и кон некои подалечни, егзотични дестинации, во зависност од потребите и можностите, се разбира.

И така некаде до половина на септември. Тогаш ќе следува ново усогласување на реформскиот план, подготовки за реформите, реорганизација на работните групи…
Нели, целта на амбициозниот проект за зголемување на парламентарното мнозинство беше да се осигури поддршка за реформските процеси, што тоа и да подразбира, и за сериозните одлуки што Владата планирала да ги донесува во, по сѐ изгледа, дури и за неа нејасна иднина.
Инаку, тие што тврдат дека имаат некаква визија за иднината би можеле барем да кажат кога таа ќе почне, зашто по неколкумесечните маки со устоличувањето на актуелната власт, уште толку време исчекување таа да добие потврда и на локалните избори, сега веќе половина година се чека на нејзино доекипирање, за конечно да истрча на теренот и да почне да остварува некакви резултати, наместо да се жали оти калливо било игралиштето, дресовите стегале, врвките се одврзувале, судијата погрешно се чешлал…

На сите веќе им е јасно дека од луѓето што професионално и како личности се недоизградени и од партиите со нестабилни структури не може да се очекува значителен придонес во владината коалиција. И не помагаат тука никакви маневри и математики. Со квантитет не може да се надомести квалитет. И тоа на премиерот требаше да му биде јасно уште кога првпат застана пред камерите во штабот на Бихаќска, за да се расфрла со „бомбите“. Уште тогаш требаше да погледне, прво, околу себе за да види со какви луѓе е опкружен, а потоа и малку подалеку, кон евентуални коалициски партнери, и добро да го процени тој потенцијал, наместо да се надева само на големата разорна моќ на „бомбите“

Можеби споредбата малку е претерана, но така во голем дел од јавноста се доживуваат изговорите со кои владејачката гарнитура се обидува да го оправда своето неработење. Дека тоа е иднината што Владата ја „ветува“ потврдуваат и повеќето експертски предвидувања, според кои, новото парламентарно мнозинство ќе придонесе кон постабилно функционирање на Собранието, но нема да донесе нешто ново во однос на резултати што би биле полезни за граѓаните, бидејќи бројот на пратеници на владејачкото мнозинство нема да биде доволен за реформите, за кои, сепак, во повеќето случаи ќе биде потребно двотретинско мнозинство, исто како и консензус со опозицијата за покрупните одлуки. И што е уште побитно, нема да донесе нов квалитет во работењето на Владата, поради профилите на сите политички партии што се внатре, нивниот историјат, нивните поранешни непријателства и, конечно, поради она што ги мотивира да партиципираат во власта.
Освен тоа, нереално е да се очекуваат некакви ефекти и поради резигнираноста и пасивноста на јавноста, која мирно и сеирџиски следи како новата влада уште еднаш удира цврсти темели за нов неуспех.

На сите веќе им е јасно дека од луѓето што професионално и како личности се недоизградени и од партиите со нестабилни структури не може да се очекува значителен придонес во владината коалиција. И не помагаат тука никакви маневри и математики. Со квантитет не може да се надомести квалитет. И тоа на премиерот требаше да му биде јасно уште кога првпат застана пред камерите во штабот на Бихаќска, за да се расфрла со „бомбите“. Уште тогаш требаше да погледне, прво, околу себе за да види со какви луѓе е опкружен, а потоа и малку подалеку, кон евентуални коалициски партнери, и добро да го процени тој потенцијал, наместо да се надева само на големата разорна моќ на „бомбите“.
Точно дека ова што сега го имаме не е ниту политичка криза ниту криза на владината коалиција, но дефинитивно е кадровска криза, и тоа со такви размери што ја надминуваат рамката неопходна за стабилна и функционална извршна власт. Таа го парализира целиот систем. Причините за тоа се познати и многу пати експлицирани. Но премиерот веројатно би требало да се потсети на нив пред да го направи конечниот избор на своите идни соработници. Инаку, целиот маневар ќе може да се протолкува како невешт изговор или, во најдобар случај, како непродуктивно трошење на времето.

Фото: Дарко Андоновски