Велигденска работилница во кичевското училиште „К.Ј.-Питу“

1197

Во рамките на проектот за Меѓуетничка интеграција во образованието во кој се вклучени партнерските основни училишта „Кузман Јосифовски-Питу“ од Кичево, „Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег“ од селото Србица и „Мустафа Кемал Ататурк“ од селото Пласница, во ОУ „К.Ј.-Питу“ од Кичево како домаќин, се одржа велигденска работилница. Трите партнерски училишта беа составени од тимови од по шест ученици, наставници и родители, кои создаваа изработки што се во согласност со големиот верски празник Велигден.

– Тимовите ги сочинуваа по шестмина ученици, наставници и родители. На работилницата се бојадисуваа и шараа велигденски јајца, се изработуваа кошнички и други предмети, кои асоцираат на големиот верски празник Велигден. Целта на оваа работилнице е запознавање на другите етникуми со традициите на христијанството, пред сѐ со обичаите поврзани со големиот верски празник Велигден. Овие изработки ќе бидат понудени и на денешниот велигденски настан што ќе се одржи во нашето училиште – ни рече Валентина Лазаревска од ОУ „К.Ј.-Питу“ од Кичево. Средствата собрани од продажбата на изработките од овој велигденски настан имаат одредена намена.

– Во изминатите години од собраните средства набавивме разглас за училиштето, агрегат што ни помага кога немаме струја, креденчиња за сместување на училишните помагала, а, некои од овие средства беа наменети и за купување потрошен материјал како креди и други помагала, како и средства за хигиена на училишните тоалети, хартија и др., бидејќи со години нашето училиште работи со блокирана сметка и не располага со доволно пари за покривање на сите трошоци. Интересот на граѓаните за посета на настанот и за купување на рачните изработки, како и досега и овој пат беше голем – нѐ информира Владо Димоски директор на ОУ „К.Ј.-Питу“.