Велешкиот театар со „Вдовицата се мажи“ гостува во Крива Паланка

57

Вечерва, во 20 часот, во Центарот за култура во Крива Паланка, театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес ќе настапи на меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, со комедијата „Вдовицата се мажи“, работена според „Мечка“ на А.П. Чехов, во режија и адаптација на Младен Крстевски.

Во претставата настапуваат актерите Марина Поп-Панкова како Попова, Васил Зафирчев како Смирнов и Младен Крстевски како Лука. Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимите се на Катерина Чукниева, а изборот на музиката е на Снежана Митова.

„Вдовицата се мажи“ е адаптација на едночинката „Мечка“ од Антон Павлович Чехов, напишана во 1888 година, која на комичен и атрактивен начин за гледање ја следи приказната за вдовицата Попова, која седум месеци е во траур по смртта на сопругот и одбива да излезе од имотот и да прима посети. „Вдовицата се мажи“ е комедија на карактери, која изобилува со брзи дијалози, силни емоции и ненадејни пресврти.