Велемаченик (Убивање на Светецот и Светлината)

357

1
Големиот лов
Почнат е големиот лов на оној како Прометеј што го носи подмишка Сонцето во ноќта на светот. Тој што ја влече во галоп зад себе, полна со пурпур и грмежи, Празората за да го огрее темното срце на човештвото проколнато. Тој што е Светец и Херој истовремено, син на Светлината, неговата првородена ќерка. Низ клисури со камена челуст, папрат, претпотопски мочуришта и прашуми јава тој цепејќи го како светкавица надве мракот. Го следат како Орфеј Песната, реките, камењата, ѕверовите, птиците, рибите и инсектите што го спотнале хаосот под копитата на галопот. А меѓу нив е и онаа ранета ѕвезда што ги доведе она време во Витлеем Мудреците од Исток. Сал таа трепка сега во камената поплава на тмајот за која нема ни кораб ни Арарат, и сал искрите на вранецот под Јавачот се тенката црта што минува како остер хируршки рез низ раната на светот.

И јури спотната од нагонот крвожеден потерата по тој што го запалил срцето-гламна во светската ноќ. Дива глутница од хиени, Јуди, Кајафи и Ироди е таа што јури збеснато дишејќи му во врат на Светецот. Тие во неа му ја отсекоа и главата на Јован Крстител, најголемиот меѓу големите и најсветиот меѓу светите по Исус. Тие што играа во делириум тременс со неа и Саломе на темната царска гозба. Го гонат сега тие и Светецот на Столченото племе. Подземно мрачна е нивната ловџиска страст ненаситна со смрт. Им блескаат заканувачки секачите камени во темницата изѕемница. Тие се тие што ја зеле историјата со сите народи и блага за свој имот сал и што ги заклаа за да стават царски печат на злото и децата во Витлеем, а потоа посегнаа и по главите на децата на Грамос и Вичо во Македонија.

Тоа е таа потера спотната од центарот на злото што се вдала по Јавачот и Името што го носи сосе столетијата во градите, оти сосе него сакаат да го затрат и сосе нимбусот златен околу челото, Логосот, централното кубе на Храмот построен уште пред создавањето на светот во мислата на Создателот. Трае не година, не деценија, не две, туку цели долги столетија тој темен лов во кој е залегната тешката сенка на Каин. Тие по него на чекор, на педа, на милиметар дофат, а тој пред нив на километри, одвреме-навреме и на растојание од бескрај и повеќе, ама никако да им побегне. Толку се упорни тие, го опколуваат од сите четири страни и нема ни сантиметар, ни квадратен милиметар, а камоли конак, манастир или крчма да крене во неа Светецот пехар монашко вино и сложи глава не на камено туку на љубовно зглавје. Тој пред нив на неколку сончеви ери време, а тие на секунда полна со смрт зад него сал. Само Лобачевски би можел сето тоа чудо, таа бркотница страшна да ја стави во математичка равенка, во интеграл со име Судбина во кој убијците на светото уметноста на злосторството и смртта ја прогласија за цивилизација.

Јури во галоп заедно со бескрајот пред него Светецот, а по него потерата гладна за смрт. Им искрат меѓу непцата како палеолитски пејзаж секачите камени што колат, тие што не еднаш го колеа златоруното стадо и во сончевото трло на Македонија. Тие што се облекуваат уште и во облеката на невиноста кога колат, во свилата на бакнежот, оној на Јуда Искариотски, криејќи го подло зад усните на Исус. Бакнежот-отров што скита како чума низ светот и по калваријата на Голгота по која Синот Божји ја обелодени формулата за победа со смрт на смртта. Неа по него ја усвоија и растајнуваа како наука на Спасението Светците и Хероите, а од народите први Македонците, Синови на Светлината, од почетокот избрани за Спасение, како што рече апостол Павле во Солун и Филипи.
Јури во галоп низ светската ноќ Јавачот свет, а по него волчјата глутница на потерата и, како заштитничка, ѕвездата над него што сè уште се сеќава на јаслите во Витлеем, на сламата и воловите што го преживаа чудото застанати пред новороденчето, архијереи свети полни со Бог, а несвесни за него. Новороденчето поради кое висеа на конец златните глави на витлеемските пеленачиња. И него го гонеше истата крвничка потера што го гони и Светецот на Столченото Племе сега составена од Јуди, Кајафи, Ироди и секакви други изроди. Тие со смрзнат палеолитски сурат што колеле пред дваесет милениуми цело стадо ирваси за секунда сал, а сега секачите ги ставиле и врз вратот на Македонците.

Јури Светецот, а по него глутницата дива и само што не го зграпчила со канџите на смртта, ама тој пак ѝ бега макар за илјадити дел од милиметарот, оставајќи зад себе цел ред хоризонти од простор-време, бескрај од кој се исплаши и Паскал. Им бега за еден илјадити дел од секундата во која се здиплени неколку сончеви ери време. Им бега веќе заминат отаде златната маска на Тутанкамон полна со смрт и тешките како престолни ружи клепки на Нефертити врз кои легнал со пурпурот на Нил под крилја скарабејот, светиот бумбар, златниот архихиероглиф на писмото на Египет. И чкрта гневно со вилиците камени потерата дека сè уште не го зграпчила Јавачот свет пред неа слеан со беспросторното и безвременото, па и со Безименото на кое како на почеток пред почетокот му го враќа Името за да го заштити од ножот на мајсторите на смртта.

Така, ама на крајот го изви гласот подземен, пропеа црната песна на судбината. Конечно беше навтасана жртвата во Гетсеманската градина, таму каде што Светецот требаше да ги доведе под златен пресек земното и небесното, болката на изгонот и блаженството на Едем ама и каде спозна дека треба да ја испие без остаток досудената чаша. Беше совладан тука со измама подла Тој, со бакнежот на Јуда Искариотски, во кој беше скриен ножот за Јагнето Небесно. Подоцна тој отровен бакнеж на смртта дојде и во Македонија да го заколе нејзиното стадо, Столченото Племе, и да го покрие со небото над него како со мртовечки чаршаф, ставајќи ја во мртовечка урна неговата пепел.

Подготовка на мачилиштето
Откако беше крвнички зграпчен, требаше да се подготви, како што е вообичаено, тоа за чинот на злосторството, мачилиштето за Светецот. Требаше најпрвин крвниците според херметизмот на нивната темна магиска душа да одберат страна на светот на која ќе го постават него, оти тоа беше важно за симбологијата на нивниот мрачен обред на свеста и потсвеста што произведуваат перпетуум мобиле зло: nigredo од кое може да се направат само темница и ноќ. Ништо друго. И го одбраа, чеда на рационализмот, по логика Север, страната на јанѕата и студот, оти сакаа така со нивниот темен ум да го обноват во татковината на Светецот палеолитот тие, иако воопшто не го разбираа неговото моќно енергетско Пра залегато под ледот од кој по милиони години се наполнија морињата со сјај и искокна како разиграна ждребица Првата Пролет на човештвото. Ама тие, со спуштена завеса на злобата пред очите, не можеа да знаат ништо за тие праглетки и пранастани, ниту за какви било откровенија за кои знаеја Светецот и неговото племе.

И беше најпосле кренато губилиштето, слично на некој темен архаичен тотем што клечи од искони во свеста на убијците на Светото и Убавината. Беше кренато во самото срце на светската ноќ, и денот одреден за мачење на Светецот беше прогласен свечено за празник на цивилизацијата што имаше исто така своја страна од страните на светот: западната. Покрај џелатите од неа, тука околу губилиштето беше и многубројната љубопитна толпа што го очекуваше со нетрпение почетокот на мрачниот спектакл. Парадоксот е, пак, што сите во неа изгледаа ангелски кротки, иако под јагнешката маска го криеја волчјиот сурат, а во ракавот ножот за колежот во Новиот Витлеем, сега со име Македонија, оти требаше да се дотолчи Столченото Племе.

И почна спектаклот на цивилизацијата со гордо име Западна. Им беше дадена заповед на џелатите да се исече на безброј парчиња Светецот, како што беше тоа сторено со Озирис во Египет, па се намачи Изида за повторно да го состави и оживее неговото тело. За таа сатанистичка цел совршено е до најмала ситница подготвено мачилиштето. Имаат систем за тоа западните мајстори на смртта. Мислеа како да го исечат телото на светата жртва, или поарно саможртва, не на парчиња туку на кванти едвај видливи дури и за микроскопот на Бор и Хајзенберг, за да не може ништо на светот да ја состави повторно неа, ни Големата Богомајка, како што мислеа тие безбожници. Оти толку многу беше проценета за опасна таа. Така. Арно ама и тоа не им беше доволно ним, па за да не воскресне Светецот, за секој случај, кај себе мачителите држеа и шише со мравја киселина да ја растворат на крајот светата содржина во неа и така, спокојни, да го прослават своето ѕверско дело во темна екстаза со наопачко мртовечко оро и песна, црната магија со која тие ги бришат трагите на божественото од светот, оставајќи го да шлапа низ темните мочуришта на цивилизацијата. Цивилизацијата што еднаш во таа темница ја запали ламбата на Просветителството, ама се покажа со краток фитиљ таа. Лакома, за материјално благо и сетилна, наслада нејзиниот Фауст летна во прегратките на Мефистофел. Нему му ја даде душата за да основа банкарска корпорација што произведува само сиромаштија и страдање во светот. Плус и ова злосторство што се случува сега како дело на нејзиниот помрачен ум на Северното Губилиште Македонија.

Мачење
И го изведоа Светецот на губилиштето поставено врз темелите на хаосот и мракот прогласени за ред и благосостојба. Околу него се згуснуваше и тискаше љубопитната палеолитска глутница како венчален прстен на смртта, а тој, архисимбол на Столченото Племе, не само што не беше исплашен туку мартирството го креваше во планина што крвниците сега требаше да ја свлечат, така огромна, во бездната на непостоењето. Во ништо. Во небитие.
Лека-полека беше обликувана сцената на мачилиштето, темната душа на цивилизацијата. Во центарот како огнен столб стоеше Светецот, а десно од него во полн сјај, наредени како за парада, беа поставени слатките пронајдоци за потребите на владетелите, мајсторите на смртта, справите за мачење на Светата Инквизиција. На нив, како што можеше да се види, работел долго, трпеливо и со голема инвенција Големиот Инквизитор, кој, за да се овенча со слава, му се претстави лично како Гарванот на По во полноќна доба, и на Достоевски, раздразливиот Фјодор Михајловиќ чија идиосинкразија на злото во светот секогаш го фрлаше во пеколна епилепсија.

(продолжува)