Вардар фаворит во трката за регионалниот трофеј

1170

Избраниците на тренерот Раул Гонзалес, кои зад себе имаат фантастична сезона со 17 победи и едно реми, во полуфиналето денеска од 17.45 часот играат со Мешков, а за место во финалето потоа ќе се сретнат и Загреб и Целје

Со денешниот полуфинален меч (17.45 часот, пренос на МТВ) во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, ракометарите на Вардар против белорускиот првак Мешков Брест ќе тргнат во одбрана на шампионската титула во Регионалната лига, освоена минатата сезона. Во вториот полуфинален меч (20.15 часот, МТВ) ќе се сретнат хрватскиот првак Загреб и словенечкиот шампион Целје. Финалето и мечот за третото место се в недела во истите термини. Избраниците на тренерот Раул Гонзалес зад себе имаат фантастична сезона со 17 победи и едно реми, што ги прави најуспешен тим во историјата на лигата.

Вардарци заедно со Загреб се рекордери според бројот на учества на фајналфор-турнирите во Регионалната лига, а за нив ова е седми завршен турнир. Во претходните шест Вардар пет пати играл во финалето, а трипати го кренал шампионскиот пехар. Хрватскиот првак, пак, има едно финале и една титула. Рекордно учество во завршните турнири бележи и белорускиот првак Мешков Брест, за кого ова е шеста сезона во Регионалната лига и шеста трка за титула. Единствениот дебитант меѓу финалистите е словенечкиот првак Целје, за кого ова е втора сезона во регионалното натпреварување. Во пресрет на почетокот на завршниот турнир, според статистиката прв фаворит за титула е македонскиот првак Вардар, кој групната фаза ја заврши без пораз. Со 565 постигнати и 445 примени гола вардарци ги имаа најдобриот напад и најдобрата одбрана. Четворица вардарци, меѓу кои Лука Циндриќ, Вуко Борозан, Дијаниз Кристопанс и Илија Абутовиќ, заедно со Жарко Пешевски (Металург), Златко Хорват (Загреб) и Иван Пешиќ (Мешков) ја сочинуваат идеалната седморка на седмата сезона во лигата, на чие чело е тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Во рамките на отворањето на седмиот фајналфор-турнир во Регионалната лига синоќа требаше да се одржи дебата на која учествуваа потпретседателите на лигата, Божидар Ѓурковиќ и Борис Сапожников, директорот Синиша Остојиќ, ракометарот на Целје Игор Аниќ, помошник-тренерот на Вардар Давид Давис и сопственикот и главен уредник на ракометниот портал Балкан хендбал, Жика Богдановиќ. Влезниците по цена од 150 и 200 денари можат да се купат онлајн на www.ticketplis.mk и на билетарницата во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје. Влезниците се на дневна основа, така што со еден билет ќе можат да се следат двата меча. Та.Д. ПОЛУФИНАЛЕ Вардар – Мешков 17.45 ч. Загреб – Целје 20.15 ч. Финалето и мечот за третото место се в недела во истите термини ДОСЕГАШНИ ПОБЕДНИЦИ 2012 Вардар 2013 Загреб 2014 Вардар 2015 Веспрем 2016 Веспрем 2017 Вардар 2018 ?


Награда за првиот стрелец Јагањац

Како најдобар стрелец со 100 гола сезоната во Регионалната лига во ракомет ја заврши Хрватот Халил Јагањац, левиот бек на Металург. Тој на вчерашната воведна прес-конференција пред финалниот турнир во Скопје доби признание од директорот на Регионалната лига, Синиша Остојиќ. Второто место на листата на стрелците го освои Хрватот Бруно Буторац (Татран) со 95 гола.