Вакцината против рак од Стенфорд ќе се тестира на луѓе

1516

Во наредните месеци ефектите од вакцината ќе се испитуваат на пациенти оброволци, а тим од научници тврди дека таа била ефикасна кај глувците, кај кои ракот метастазирал по целото тело

Ефектите од вакцината против канцер, до која дојдоа истражувачите од универзитетот „Стенфорд“, во наредните неколку месеци ќе се испитуваат на луѓе, а за една година таа би можела да се применува меѓу онколошките пациенти во целиот свет. Ова би можело да биде добра вест за луѓето болни од канцер, затоа што, во најдобар случај, за една-две години, лекот против оваа опасна болест би можел да им биде достапен на сите пациенти, а лекувањето би се одвивало без хемотерапија.

Имено, вакцината би требало да го испровоцира имунолошкиот систем и да ги научи клетките-убијци да го пронајдат малигното ткиво и да го уништат, што би овозможило излекување на пациентите кај кои болеста зела замав.

Како што објави сајтот „Унилад“, вакцината се покажала успешна кај 97 отсто од тестираните глувци, а до крајот на годината ќе биде испитана и кај 35 доброволци што боледуваат од канцер.

Студијата што ја предводи професорот по онкологија Роналд Леви, пионер во областа на имунотерапијата кај ракот, чија лабораторија ја разви и вообичаената хемотерапија ритуксимаб, е објавена во стручното списание „Сајанс транслејшен медицин“.

Вакцината што ја развија овие научници е комбинација на два постојни лека. Таа претставува единствен тип на имунотерапија, бидејќи ги реактивира специфичните Т-клетки по пат на вшприцување микрограмски количества на два агенса директно во туморот. Тимот на д-р Леви тврди дека вакцината била ефикасна и кај глувците кај кои ракот метастазирал низ целото тело. Тој истакнува дека новата вакцина нема штетни придружни појави кај пациентите, кои често се јавуваат кај други видови имунолошки симулации. Тој додава дека вакцината ќе биде финансиски поисплатлива од досегашните третмани. Несакани дејства кај третираните глувци имало малку, вклучувајќи и треска, а со нејзината примена се исклучува хемотерапијата.

Доколку експериментот биде успешен, д-р Леви тврди дека таа ќе може да се користи кај повеќе видови тумор и оти со текот на времето онколозите ќе им даваат инјекции на заболените пред оперативните зафати, за да го спречат повторното појавување на туморите.