Буфон ги предводи лојалните

840

Буфон 17 сезони е во Јувентус, што е шест месеци повеќе од вториот на листата на ЦИЕС за петте најсилни лиги во Европа, Пелисие (Киево), и една година повеќе од Иниеста (Барселона) и од Вајденфелер (Борусија Д.)

Џанлуиџи Буфон е на чело на табелата за петте најсилни првенства во Европа (Англија, Германија, Франција, Шпанија и Италија), за фудбалери што се најдолго во актуелниот клуб, покажа анализата на Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) во Швајцарија. Легендарниот италијански голман 17 сезони е во Јувентус.

Тоа е за шест месеци повеќе од вториот на листата, Серџо Пелисие (Киево), и една година повеќе од фудбалерите што го делат третото место, Андрес Иниеста (Барселона) и Роман Вајденфелер (Борусија Дортмунд). Вкупно 61 фудбалер играат барем 10 сезони (во некои случаи не одеднаш) во ист клуб, меѓу нив многу легендарни фудбалери, како Лионел Меси (14 сезони во првиот тим на Барселона), Џорџо Кјелини (13 во Јувентус), Серхио Рамос (13 во Реал Мадрид), Мајкл Карик (12 во Манчестер јунајтед), Марсело (11,5 во Реал Мадрид), Франк Рибери (11 во Баерн), Марек Хамшик (11 во Наполи), Фернандо Торес (10 во Атлетико Мадрид) и Кристијано Роналдо (девет во Реал Мадрид). Во пет клуба најлојалните фудбалери играле по четири сезони, и тоа во Фиорентина (Бадељ), Кротоне (Мартела), Гетафе (Гуаита), Ница (Менди, Плеа и Поуплин) и Каен (Веркутр, Фере, Да Силва и Базиле).