„Бруч мопета“ – микроавтомобил од минатото

151
Мали автомобили големи пари - „мопета“ продадена за 69.000 евра

Во светот постојат само пет вакви микроавтомобили

Терминот микроавтомобил се користи за автомобили што навистина имаат мала големина. Ваквите автомобили често поседуваат три или четири тркала и мотор помал од 700 кубика. Микроавтомобилите честопати се опфатени со одделни прописи, различни од вообичаените возила, и немаат толку ригорозни барања за регистрација и лиценцирање. Повеќето микроавтомобили се напојуваат со бензински или дизел-мотори, но електричните погони се почести во последните години.

Еден таков автомобил од минатото е „бруч мопета“. Овој модел е впечатлив по тоа што има облик на јајце, едно седиште и три тркала. Едно тркало на предната страна и тело што е изградено од фиберглас со отстранлива транспарентна преклопна хауба. Автомобилот се вклучува со повлекување сајла, користи 50 кубни сантиметри ИЛО В50 мотор, кој е управуван од интегрален трибрзински менувач. Во периодот од 1956 до 1958 година биле произведени 14 автомобили. Овој претставува најмалиот во серијата микроавтомобили, дизајниран од германскиот автомобилски дизајнер Егон Бруч.
Потеклото на микроавтомобилите е во годините по Втората светска војна, кога мотоциклите биле вообичаени. За да се обезбеди подобра заштита, популарноста на микроавтомобилите со три тркала почнала да се зголемуваа во Обединетото Кралство. За да можат да се користат за превоз, во Обединетото Кралство на овие автомобили им се издавале лиценци за мотоцикли. Понатаму, микроавтомобилите станале популарни и во Европа, поради нивната поголема ефикасност на горивото отколку поголемите автомобили.

– Моето име е доктор Саша и јас сум дентален хирург, а моја вистинска пасија се автомобилите. Поседувам неколку „бруч мопета“. „Мопета“ е еден од најретките микроавтомобили во светот. Од 14 произведени во 1950 години, од кои само пет преживеани, да се поседува две е привилегија. Егон Бруч, кој ја изградил „мопета“, разбрал дека иднината е во малите автомобили. Ја создал оваа мала убавина и ја однел на саем за автомобили, каде што се покажала голема заинтересираност. Компанијата „Опел“ му пристапила и понудила да создаде околу 140 000 автомобили. Но откако тој ги испечатил сите каталози за автомобилот, од менаџментот му кажале дека е луд. „Ние сме во 1950-тите и луѓето сакаат големи автомобили, со моќни мотори. Кој би сакал мал автомобил?“ Затоа го откажале договорот и така овој модел завршил само со 14 произведени автомобили – вели за „Кар инсајдер“ денталниот хирург и колекционер на автомобили Саша Горјунов.

Бумот на микроавтомобилите траел до крајот на 1950-тите години, кога поголемите автомобили повторно добиле популарност. Воведувањето на „мини“, кое овозможило поголема големина и перформанси по пристапна цена, во голема мера придонело за прекин на производството при крајот на 1960-тите години на микроавтомобилите. Но, сепак, постојат љубители на микроавтомобили од минатото. Страсните љубители како Саша навистина ги сакаат овие автомобили по секоја цена.

– Живеам во Израел, првиот „мопета“ го најдов онлајн, го поседуваше мој пријател од Германија. Видов фотографија од него и го прашав дали може да одам да го видам, па по неколку мејла се согласи. Кога го видов, му кажав дека морам да седнам во него и тој ми дозволи. Подоцна му кажав дека морам да го вклучам и повозам, а само што почна да врне. Тој ми рече дека сум луд. Му кажав дека дојдов од друг континент за да го видам и се разбира дека сум луд. Го повозив по улицата и морав да го имам. Вториот што го најдов беше на колекционер. Тој почина и неговата фамилија се согласи да ми го продаде по десетици години поседување. Втората „мопета“ е најважниот дел од неговата колекција и најоригиналната „мопета“ во светот.

Комплетно нереставрирана, вози навистина убаво, и го сакам фактот што е предизвик за возење. Се управува со рачка како на мотор или велосипед. Нема брзински мерач, но може да достигне брзина до 48 километри на час. Мојот син го обожава автомобилот, порасна со него. Така што нашата „мопета“ е и семеен автомобил. Во мојата професија работам со насмевки секој ден. Но, верувајте, возењето „мопета“ околу град трансформира повеќе насмевки од што било друго што правам во секојдневниот живот – вели Саша.

Саша смета дека не е фер да се поседуваат од два од пет автомобили. Затоа на 6 февруари годинава ја стави на аукција својата втора „мопета“ за цена од 90.767 до 121.048 евра. „Мопета“ беше продадена на шести февруари годинава, на автомобилскиот собир „Сомерсби“ во Париз, за 69.000 евра.

[email protected]